Во своето денешно пладневно обраќање за време на молитвата Ангел Господов во недела 27 февруари 2022 година, папата Фрањо поттикна да внимаваме на зборовите што ги користиме, а кои можат да предизвикаат предрасуди, да подгинат пречки, па дури и да ги уништат нашите браќа; затоа е потребно да се зборува благо. Тој, исто така, поттикна да размислуваме за сопствениот поглед. Да ја гледаме нашата беда. Секогаш наоѓаме причини да ги обвинуваме другите и да се правдаме. И ние често се жалиме на работи што не се во ред во општеството, во Црквата, во светот, без претходно да се испитаме и без да се промениме себеси.
Дали зборуваме благо или го загадуваме светот, ширејќи отрови: критикувајќи, приговарајќи, поттикнувајќи раширена агресија? – праша папата Фрањо во своето пладневно обраќање, поттикнувајќи на мирот кој – како што рече – се гради почнувајќи од говорот. Осврнувајќи се на дел од евангелието по Иван од денешната Литургија, во кој Исус повикува да размислуваме за нашииот поглед и говор, Папата во своето обраќање предупреди на последиците од неправилната и површна употреба на јазикот што може да повреди како оружје. Јазикот исто така може да поттикне предрасуди, да подигне пречки, да напаѓа, дури и да ги уништи браќата: озборувањето ранува, а клеветата може да биде поостра од нож!
Агресивноста во дигиталниот свет
Денес, посебно во дигиталниот свет, зборовите брзо летаат, но премногу од нив пренесуваат гнев и агресивност, поттикнуваат лажни вести и ги искористува колективните стравови за ширење искривени идеи, рече Папата, цитирајќи го Даг Хамаршелд, шведски дипломат и добитник на Нобеловата награда за мир, кој беше генерален секретар на Обединетите нации од 1953 до 1961 година и кој рече: „Злоупотребата на зборовите значи да се презира човечкото битие“.
Површна употреба на зборови
Навистина, од начинот на кој некој зборува, може да се сфати што има во неговото срце. Зборовите што ги користиме кажуваат кои сме. Понекогаш, сепак, обрнуваме малку внимание на нашите зборови и ги користиме површно. Но, зборовите имаат тежина: тие ни дозволуваат да ги изразиме мислите и чувствата, да им дадеме глас на стравовите што ги имаме и проектите што имаме намера да ги оствариме, да го благословуваме Бога и другите. Па, да се запрашаме какви зборови користиме – поттикна Папата – зборови кои изразуваат внимание, почит, разбирање, близина, сочувство или зборови чија главна цел е да нѐ направат убави пред другите?
Покрај зборовите, важен е и погледот
Треба да размислиме и за сопствениот погледот. Односно, дали сме фокусирани да ја видиме раската во окото на нашиот брат без да ја забележиме гредата во нашето око. Со други зборови, објасни Папата, тоа значи да се биде многу внимателен кон недостатоците на другите, дури и оние малите како сламка, мирно занемарувајќи ги своите, давајќи малку важност на нив. Секогаш наоѓаме причини да ги обвинуваме другите и да се правдаме. И често се жалиме на работи кои не се добри во општеството, во Црквата, во светот, без претходно да се преиспитаме и да се обидеме прво да се промениме себеси.
Но, правејќи така, нашиот поглед е слеп – објасни Папата. И ако сме слепи, не можеме да очекуваме да бидеме водичи и учители на другите; имено, слеп човек не може да води друг слепец. Затоа, прво мораме да погледнеме во себе за да ја препознаеме сопствената беда, бидејќи ако не можеме да ги согледаме сопствените недостатоци, секогаш ќе бидеме склони да ги зголемуваме недостатоците на другите. Ако, напротив, ги препознаваме нашите грешки и нашата беда, вратата на милосрдието ни се отвора.
Во другиот да се види доброто
Потоа, Исус нѐ повикува да гледаме на другите онака како што гледа Тој, кој пред сѐ не го гледа злото, туку доброто. Бог така нѐ гледа: во нас не гледа непоправливи грешки, туку деца кои грешат. Бог секогаш го разликува човекот од неговите грешки. Тој секогаш верува во човекот и секогаш е подготвен да ги прости грешките. И нѐ повикува да го сториме истото: да не го бараме злото во другите, туку доброто – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк