Во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов, на крајот од литургиската година, папата Лав XIV размислуваше за последните времиња и истакна дека Христос на Последниот суд ја открива вистинската смисла на правдата.
Христос Царот ја открива „вистинската смисла на правдата“, рече папата Лав XIV во недела, 22 ноември 2026 година, размислувајќи за евангелското читање на празникот на нашиот Господ Исус Христос, Царот на вселената.
„Христос е мерило на правдата бидејќи Тој е автор на спасението. Осветлувајќи ги нашите меѓусебни односи, во Него се открива нивната вистина, спротивставена на секоја форма на расипаност“, рече Папата.
Папата објасни дека правдата се остварува преку делата на милосрдието. Таа го поддржува животот, создава врски на братство меѓу народите, го штити човечкото достоинство и ја обновува слободата.
Исусовиот опис на Последниот суд, нагласи Светиот Отец, „важи за сите времиња и за сите луѓе“.
Иако Христос на крајот од времето ќе им суди на сите луѓе, Тој „не е деспот кој се заканува, ниту тиранин кој ги уништува другите со својата моќ“.
„Тој е вистинскиот Цар кој преку Својата семоќ нè откупува. Тој е вистинскиот човек, Господарот на човештвото“, рече папата Лав.
Папата објасни дека празникот Христос Цар се слави на крајот од литургиската година затоа што укажува на исполнувањето на целата историја, средбата со Бога која ќе се оствари на Последниот суд.
Тоа е моментот во кој Господ го упатува Своето слово до целото човештво во светлината на животот што сме го живееле.
„Овој суд, всушност, е спасение. Словото што Бог му го упатува на светот е навестување на милоста“, рече Папата.
Истовремено, додаде тој, Божјиот суд претставува и „осуда на секое беззаконие“.
На крајот папата Лав потсети на намерата на папата Пиј XI при востановувањето на празникот Христос Цар. Пиј XI сакал да нагласи дека „Господарот на историјата е Цар на мирот и правдата за сите народи во светот“.
Црквата и денес го обновува ова учење, рече папата Лав XIV, навестувајќи дека Божјото Царство доаѓа и дека ќе трае засекогаш.
Ватикан њуз/к.мк

