Папата: Залагајте се за мир, а не за вооружување!

Папата: Залагајте се за мир, а не за вооружување!

На крајот од читањето на Завршната декларација на 7. Конгрес на поглаварите на светските и традиционалните религии во салата за состаноци во Палатата на независноста во Нур-Султан, папата Фрањо ги повтори централните точки од текстот, истакнувајќи три клучни зборови: мир“, „жена“ и „млади“.

„Драги браќа и сестри! Одевме заедно“, се воведните зборови на папата Фрањо на крајот на 7. Конгрес на поглаварите на светските и традиционалните религии, сумирајќи го искуството проживеано во тие денови. По читањето на Завшната декларација, Папата зборуваше за текстот на документот, истакнувајќи ги главните точки и нудејќи го своето толкување на денешниот свет и улогата на религиите за доброто на човештвото.

Ви благодариме што се залагате за мир и единство

Папата е благодарен за постигнатиот напредок. Дијалогот и споделувањето уште се поскапоцени, рече тој, „во таков тежок период кој, покрај пандемијата, е оптоварен и со бесмисленото лудило на војната“.

„Има премногу омраза и поделеност, има премногу недостаток на дијалог и разбирање на другиот: тоа, во глобализираниот свет, е уште поопасно и поскандалозно. Не можеме да продолжиме поврзани и разделени, поврзани и растргнати од премногу нееднаквости. Затоа, ви благодарам за вашите напори насочени кон мир и единство“.

Провидоносна средба

Папата потсети на мотото на неговата посета на Казахстан: „Гласници на мирот и единството“. Тој изјави дека Конгресот означува важна фаза во заедничкото патување на верските водачи да придонесат за „дијалог и хармонија меѓу народите“.

„По она што се случи на 11 септември 2001 година, неопходно беше да се реагира, и тоа заедно, на запаливата клима што сакаше да ја поттикне терористичкото насилство и која ризикуваше религијата да стане фактор во конфликтот. Но, псевдорелигискиот тероризам, екстремизмот, радикализмот, национализмот облечен во светото продолжуваат да поттикнуваат стравови и вознемиреност за религијата. Затоа, во овие денови провидоносно беше да се сретнеме и да ја потврдиме нивната вистинска и незаменлива суштина“.

Политика и религија: не на забуната и не на раздвојувањето

Папата Фрањо го повтори она што го потврдува Декларацијата: целосно отуѓување на верскиот дух од феноменот на екстремизам, радикализам и тероризам, кои „мора да се отфрлат на најодлучно можен начин“. Од друга страна, меѓусебното почитување треба да се смета за суштинско за секое религиозно учење.

Идеално место за средба е Казахстан, рече Папата, чие знаме, на кое е прикажан орел на позадината на синото небо, потсетува на „потребата да се зачува здравиот однос меѓу политиката и религијата“, со што се избегнува забуната на улогите, но и нивното раздвојување. Трансценденцијата е од суштинско значење за човекот кој се стреми кон бесконечноста, истакна Светиот Отец, но трансценденцијата „не смее да подлегне на искушението да стане моќ“. Значи, не на забуната, но не и „на одвојување помеѓу политиката и трансцеденцијата“, бидејќи „највисоките човечки стремежи не можат да се исклучат од јавниот живот и да се префрлат само во приватната сфера“.

„Затоа, оние кои сакаат легитимно да ги изразат своите убедувања нека бидат заштитени секогаш и секаде. Колку луѓе, сепак, сè уште се прогонувани и дискриминирани поради нивната вера! Силно ги повикавме владите и релевантните меѓународни организации да им помогнат на верските групи и етнички заедници кои претрпеа прекршување на нивните човекови права и основни слободи, како и насилство од екстремисти и терористи, вклучително и како резултат на војни и конфликти“.

Гледајте за благосостојба на обичните луѓе

Ако Иван Павле II. Пред 21 година во Казахстан тврдеше дека „сите патишта на Црквата водат до човекот“ и дека човекот е „патот на Црквата“, папата Фрањо додаде дека денес „човекот е и патот на сите религии“ и потсети на должност да се погледне на благосостојбата на тој човек.

„Да, конкретно човечкото битие е ослабено од пандемија, соборено од војна, рането од рамнодушност! Човекот кој е кревко и чудесно битие, кој исчезнува без Создателот и не постои без другите! Пред да донесете важни одлуки, погледнете ја човечката благосостојба, а не стратешките и економските цели, националните, енергетските и воените интереси. За да направите избори кои се навистина големи, погледнете ги децата, младите и нивната иднина, постарите и нивната мудрост, обичните луѓе и нивните вистински потреби“.

Трансценденцијата и братството

Човечката личност, истакнува Папата, мора секогаш да се прифаќа и никогаш да не се отфрла, а семејството треба да се штити и унапредува бидејќи таму се формираат „мажите и жените на утрешниот ден“. Меѓу сите човечки битија, истакна потоа Папата, постои заедничко духовно наследство чиј камен-темелник е трансценденцијата и братството.

Милиони и милиони луѓе се молат секој ден на различни места за богослужба и молитвата е „скриената сила што го одржува светот“, рече папата Фрањо, додека камен-темелникот на братството нè потсетува дека не може да се исповеда вистинската приврзаност кон Создателот ако не ги сака сите негови созданија.

Мирот извира од братството

Ова е верувањето што ја движи завршната декларација на Конгресот, од која Папата Фрањо истакна три збора: мир, жени, млади.

Истакнувајќи ја итноста на мирот, Папата рече дека секој воен конфликт или жариште на напнатост и судири денес може да има само подол „домино ефект“. Мирот, кој не е само отсуство на војна, „извира од братството, расте преку борбата против неправдата и нееднаквоста, се гради со подавање рака на другите“.

„Ние, кои веруваме во Создателот на сè, мора да бидеме на чело во ширењето на мирниот соживот. Мора да сведочиме, да проповедаме, да се молиме. Декларацијата ги повикува светските лидери да ги запрат конфликтите и крвопролевањето насекаде и да се откажат од агресивната и деструктивна реторика. Ве молам, во името на Бога и за доброто на човештвото: залагајте се за мир, а не за вооружување! Само со служење на мирот вашето име ќе остане големо во историјата“.

Повеќе одговорност за жените

Вториот збор е „жена“ и е поврзан со мирот, бидејќи „жената му дава грижа и живот на светот: таа е патот до мирот“ Неопходно е, истакна Папата, да се заштити и унапреди нејзиното достоинство и место во општеството.

„Исто така, на жените мора да им се доверат поголеми улоги и одговорности. Колку многу избори на смрт би биле избегнати доколку жените беа во центарот на одлуките! Да работиме на тоа да ги направиме попочитувани, признати и вклучени“.

Светот да го градиме, мислејќи на младите

Младите, третиот збор, се „гласници на мирот и единството денес и утре“. Но, забележува Папата, сегашната логика на доминација и експлоатација „насликува стар свет“, затворен за нивните надежи.

„Размислувајќи за новите генерации, овде се потврдува важноста на образованието кое го зајакнува меѓусебното прифаќање и почитување на соживотот меѓу религиите и културите (сп. бр. 21). Да им дадеме шанса на младите за образование, а не оружје за уништување! И да ги послушаме, да ги слушаме, без страв да не испитуваат. Пред се, да го градиме светот мислејќи на нив!“

Извонредната мултирелигиозност и мултикултурализам на Казахстан, заклучи Папата, „ни нуди пример за иднината“. Да продолжиме вака – последната опомена на Папата – чекорејќи заедно по земјата како небесни деца, ткајачи на надежта и творци на хармонијата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот