Папата Фрањо го прими новиот турски амбасадор во Ватикан

Папата Фрањо го прими новиот турски амбасадор во Ватикан

Во четврток, 16 февруари 2023 година, Светиот Отец Фрањо го прими новиот амбасадор на Република Турција во Светиот Престол, Уфук Улуташ, кој му ги предаде акредитивните писма.

Светиот Отец на новиот турски амбасадор му подари книга во која тој лично напиша посвета во која ја изразува својата тага за земјотресот на 6 февруари во кој загинаа повеќе од 41.000 луѓе и предизвика голема хуманитарна криза.

„Моите мисли и молитви се упатени кон благородниот турски народ во ова време на многу голема тага. Драги браќа и сестри, јас сум блиску до вас и се молам за вас! Со братска љубов, Фрањо“, напиша Папата.

Се проценува дека земјотресите што ја погодија југоисточна Турција и нејзината соседна земја, северна Сирија, се најсмртоносната природна катастрофа во историјата на тоа подрачје.

Десет дена по разорниот земјотрес, операциите за пребарување и спасување продолжуваат во најтешко погодените области, а од урнатините сѐ уште се извлекуваат преживеани, како што е 13-годишното момче Мустафа, кое беше спасено откако помина 228 часа под урнатини од урната зграда во Антакија, во турската провинција Хатај.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот