Недела на свети апостол Тома – Томина недела

Недела на свети апостол Тома – Томина недела

Двоумењето на свети Тома

Во сите новозаветни извештаи за Исусовото воскресение јасно се препознава немоќта на човечкиот збор да ги убеди сите за сѐ што се случило со Исусовиот гроб и неговото мртво тело. Невозможно е да се опише воскресението, бидејќи Исус не се вратил во претходниот живот од кој насилно бил отфрлен. А објавувањата на Воскреснатиот не се контролираат онака како што ги контролираме другите настани, бидејќи тој се појавува и исчезнува одеднаш, на големо изненадување на сведоците на овие објавувања. Не е можно да биде задржан, со него да се дружи, да му се поставуваат прашања – како што правеле учениците за време на неговиот живот. Останува само да се верува или да не се верува дека тоа не е една шега или измама од страна на другите. Затоа деновите после Исусовото воскресение сѐ уште се полни со несложување, неверување, сомневање.

Во Неделата после Воскресението Христово обично се среќаваме со Тома, кој го овоплотува сето тоа на посебен начин. Тој не бил со учениците кога Исус им се појавил првиот пат. Залудни биле нивните упорни убедувања: „Го видовме Господа“ (Иван 20,25). Тома тоа едноставно не може да го прифати. Зошто? Најверојатно затоа што во неговото сеќавање некаде длабоко бил врежан страшниот призор од Голгота. Тој добро ги запомнил Исусовите прободени раце и нозе, некаде далеку во него сѐ уште одѕвонува Неговиот збор: „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ Не е лесно да се заборави копјето кое ги прободе Неговите ребра. И сега одеднаш, дека е повторно жив, дека го виделе неговите пријатели. За Тома тоа е неверојатност. Тој сака уверување дека тоа што неговите пријатели го виделе не е некој привид или некаков дух, или навистина е нивниот распнат Учител. Сето тоа е сумирано во неговата реченица: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете… нема да поверувам“ (Иван 20,25).

Заради овие зборови Тома одамна е прогласен за ученикот кој се двоуми и кој не верува, а всушност тој тоа не е. За него би се можело да се каже дека има само критичен дух кој има свои причини, кој своите сомневања не ги сокрива во себе, но заради нив и не отстапува. Затоа за Тома може повеќе да се каже дека е озбилен трагач отколку неверник. За причините кои му сметаат веднаш да поверува отворено зборува со останатите ученици, барајќи мала светлина во мракот, и затоа заслужува и ја наоѓа. Воскреснатиот Исус му овозможува да се увери дека тоа навистина е Тој. Тома смее да ги допре неговите прободени раце и нозе, а плодот на сето тоа е верата полна со посветеност: „Господ мој и Бог мој!“ (Иван 20,28),

Верата е посветеност

Сомневањето на Тома и неподготвеноста да се поверува на сведоштвото на другите честопати е присутно и во нашите животи отколку што сме подготвени да признаеме. Сите ние знаеме дека со смртта не престанува животот, дека сите нас на крајот нѐ очекува воскресение. Сепак, колку христијани се неутешени заради тоа што изгубиле некој од своите најмили? Колкумина знаат на Бога дури да му приговорат затоа што дозволил предвремена или ненадејна смрт некому што многу им значи? Зарем тоа не е полошо од сомневањата на Тома кои имале свои сериозни причини?

Со Тома може да ја споредиме и Црквата денес на почетокот на третиот милениум. Зарем Црквата денес во многу делови од светот, и покрај постојаните напори на папата свети Иван Павле II дека нејзиниот поглед е насочен кон иднината, не е премногу под впечаток на различните кризи кои ја потресуваат и ја заплашуваат нејзината иднина?

Црквата е честопати слична на учениците зад заклучените врати за разлика од Петар и останатите ученици кои по Педесетницата храбро излегле да сведочат за Воскреснатиот. Нејзе и недостига целосната посветеност на Тома содржана во неговиот збор: „Господ мој и Бог мој!“ Во тој збор препознаваме која е вистинската вера. Не е тоа некое ново и поголемо спознавање или поголемо знаење за нешто што порано не сме го имале, туку со целиот живот прифаќање на пораката за Исусовото воскресение.

Откако Исус му овозможил да ги допре неговите рани на рацете и нозете, Тома не признал дека бил во криво, а другите ученици биле во право, туку тој ја исповедал сосема својата лична вера која не е ништо друго туку посветеност на целата своја личност. Да се поверува во нешто не значи да се промени само мислењето за нешто, туку да се прифати Бог во животот, со сето тоа што од тоа произлегува. За учениците, а и за Тома тоа значи да се прифати мисијата во Исусовото име, да се оди по целиот свет и на секое створение да се навестува евангелието. За Тома традицијата вели дега отишол најдалеку од сите, сѐ до Индија. Таму го проповедал евангелието и ја основал Црквата, чиј членови и денес со гордост се нарекуваат христијани на свети Тома. Затоа може да кажеме: Му благодариме на Бога што го имаме Тома и што постоело неговото сомневање кое живописно ни зборува за сериозноста на христијанската вера во Воскреснатиот Господ.

Фрањевци нет/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот