Што сакаш да направам?

Што сакаш да направам?

Подоцна ми стана сосема јасно Учителу, дека ме повика за да ме испратиш. И како што се кршев околу сигурноста дека повикот е Твој, така се кршам за да ги препознаам патиштата по кои сакаш да ги управуваш моите чекори. Стојам пред тајната на повикот и посланието, стојам и се претворам во прашање: Што сакаш да направам? За што сакаш да ме употребиш? Зошто си ме повикал? Кај кого ме испраќаш?

Нема да плачам над времињата во кои ме повика да бидам. И нема да кажам дека на мене и на оние околу мене денес ни е тешко за разлика на оние од вчера. Сепак, препознавам дека човекот денес е уморен, има многу залутани и оптеретени, дека луѓето се скршени. Ете, овде сум повикан да бидам! Човекот кај кого ме праќаш едвај верува во друг човек, па и Ти не поминуваш најдобро. Се наметнува свет без Тебе. „Без Бог, без Господарот!“ И сега би требало како Твој глас да поминам покрај овој свет и да викам дека е ова лудост, заблуда?! Сигурно нема да викам, гласот нема да ми се слушне по плоштадите, ниту пак реклами по улици ќе лепам. Вистината никогаш не се наоѓа патем! Подобро ќе ја усвојам твојата логика; чукајќи, чекајќи, и ако ми се отвори ќе влезам.

Животот како чукање

Чукање? Ми се чини дека Ти би го сакал тоа, и тоа го бараш од мене, мојот живот да биде чукање. Мојот збор, средба со другите во Твое име, моето сфаќање на крстот, мојот однос кон неправдата и трпението, моето искуство за умирањето, силата на воскресната победа, за сфаќањето на животот, благодарноста затоа што сѐ примам од Твојата рака и бидејќи сѐ Тебе ти припаѓа – сето тоа е провокација. Тоа е чукањето: без присилба и ненаметливо. Така, и ти зборуваше: „Ако сака некој да оди по мене…“ Нека животот на твојот свештеник биде провокација, предизвик, сугестија, алтернатива. Понуда на Тебе во поинакво постоење. Мојот облик на живот нека биде чукањето на вратата на другите кои до мене живеат. О, кога би можел да бидам едно со Тебе, па моето чукање да биде и Твое чукање, моето слово – Твоето слово, мојот живот – Твој живот во мене и во светот…

Животот како чекање

Да чекаш? Да, тоа е тоа: логика на зрното посеано во земјата. Логика на семето – Твоја логика! Целосно се истрошуваш, а да не го видиш плодот на својот труд. Не, не се занесувам дека сум способен било што да направам! Јас сум Твој свештеник само онолку колку Ти во мене си направил, колку што дозволувам Твојот Дух преку мене да ја обновува земјата. Па и тогаш, кога си Ти во мене и преку мене дејствуваш во светот, повикан сум да ја издржам вистината дека секогаш и не си прифатен, дека секогаш не си добредојден, дека вратите ти се затворени, дека си исмеан, дека си непотребен, дека си вишок… Ништо чудно! Не било поразлично ниту сите оние години кога одеше низ Галилеја, нудејќи (не наметнувајќи) се себе си како гаранција за нешто ново, трајно. И така, ја делам судбината со Тебе знаејќи дека Господ ќе го доврши она што е започнато за мене. И дека нема да ги напушти делата на рацете Свои!

Сепак, ќе признаам дека честопати великодушно сум пречекан – токму поради твоето присуство во мене. Многумина ме повикуваат да имам дела во нивните животи, да им помогнам во ткаењето на животот, да бидам нивната врска со Тебе… многумина од мене очекуваат да им ја откријам Твојата волја и да им помогнам нивната да ја хармонизираат (координираат) со Твојата. Многумина кои доаѓаат и чукаат на вратата на мојот живот бараат да им помогнам во Твое име во носењето на крстот, да им дадам утеха во верата, нивните чекори да ги насочам кон Тебе… и тогаш сум повикан на чекање! Кога ќе си кажам себе си (понекогаш и на другите!) дека сум направил сѐ што сум бил должен да го направам и дека сум бескорисен слуга, и тогаш во мака очекувам раст на твоето Царство во нив. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека сум неизмерно радосен кога ги гледам плодовите на тој раст и преобразби на животи. Ти благодарам што си ме одбрал и повикал !

Ти и јас

Но, има нешто што ме заплашува! Знам многу добро дека моето свештенство е од Тебе и дека е дар за другите. Сепак, ме заплашува (и восхитува!) сознанието дека во мене другите Тебе те гледаат. Па, јас тоа го сакам и за таа милост молам, но чувствувам некаков чуден јаз помеѓу мене и Тебе! Ме плаши мојата недостојност, и големината и силата на Твоето присуство со кој си делотворен во она што го правиш! Ме заплашуваат зборовите: „Кога гледам свештеник, уште повеќе се заљубувам во Христос!“ Или: „За мене свештеникот е Христос на земјата!“ Што јас правам, правиш и Ти! Што јас зборувам, зборуваш Ти! Каде јас доаѓам, доаѓаш Ти! Кој би можел ова да го сфати? Тоа е Твојот чист глас, бесплатен дар! Дар на твојата свршеница – Црквата – да расте во полнотата и Ти во нејзиниот живот се прославуваш! Тој дар ѝ го пружиш преку моите зборови кои треперат, преку моите уморни чекори и моите грешни раце. Оди си од мене, Господи, грешен човек сум јас! Те слушам како ми возвраќаш дека ми е доволна Твојата милост, затоа што силата во слабоста се усовршува! Единствен свештенику, помогни ми да ги издржам твоите раце со кои мојот живот го објави! И помогни ми да останам верен на сите твоите ветувања!

Господи, сакам само едно: сѐ што ми ставаш во животот да го зацврстиш во Тебе! Ти биди почетокот и крајот на сѐ што правам, Ти биди поттикнување и охрабрување. Сѐ што правам нека биде во Твоето име. Славата на светот не ја барам. Ти биди ми мојата награда!

Употреби ме за доброто на другите, за слава на Твоето царство во нивните животи! Секое мое таинство кое си ми го доверил да го делам со другите, секоја средба во Твое име, сѐ што со зборови или дела правам, нека во нив меѓу кои сум и јас биде поттик да го бараат повеќе Дарителот од даровите. И нека не се толку занесуваат кон твоите чуда колку по обликувањето на Твоите мисли во своите срца! Тоа што сакаш да го направам во другите е да те оживеам Тебе! Па и тие и јас можеме да кажеме дека не живееме веќе ние, туку дека живееш Ти во нас!

Духовен позив/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот