Тој сведочи: „Со одрекување од телесноста, Господ нè подготвува за љубовта што ја замислил за нас“.

Тој сведочи: „Со одрекување од телесноста, Господ нè подготвува за љубовта што ја замислил за нас“.

Да знаев каква благодат Господ подготвува за нас …

Честопати се фаќав себеси како само ја гледам својата сопруга и мислам: „Боже, Ти неа ми ја испрати, не знам дали сум го заслужил тоа. Таа е нежна кон мене, внимателна, се грижи за мене повеќе отколку што се грижам јас за себе. Па, таа навистина ме сака.” Од која и преспектива да погледнам, никако не можам да избегам од впечатокот дека преку одењето без бакнежи и допири Господ направи вистинско чудо и подготви вистински темели – од бетон, камен и железо за нашиот брак (така би кажал нашиот отец Фркин).

Верувам дека нема момче или девојка кои не размислуваат за тоа како ќе изгледа нивниот брак еден ден. Тие сигурно имаат убава визија и своја идеја за тоа како изгледа добар брак и се надеваат дека нивниот брак ќе биде исто таков. Јас бев еден од тие. Размислував за многу работи: каква жена би сакал, како ќе се молиме заедно, колку деца ќе имаме, каков ќе биде нашиот однос… И знаете што? Мојот брак не е ни близу до она што го замислував, многу е подобар. Да знаев каква благодат Господ подготвува за мене и за мојата сопруга, многу порано би тргнал на овој пат кој дури сега го гледам како единствениот вистински пат на ЧИСТОТА.

Половина година молитва ме одведе до мојата идна сопруга

Кога ќе размислам, Господ ми го подготвуваше патот уште од мали нозе и не се откажа од мене. Јас секогаш одев во црква и некако се обидував да се придржувам кон Божјиот морал со кој се запознав. Но, како и огромното мнозинство на млади луѓе, јас не го следив вистинскиот пат на чистота. Пред врската со мојата сопруга, бев во долга и скоро фатална врска за мене, во која бев далеку од „чисто“ одење. Меѓутоа, како што растев во вера и станав поблизу до Господa, таквата (не) подготовка за брак почна да ме вознемирува сè повеќе. Како што можете да очекувате, раскинавме само месец и половина пред свадбата, и тоа навистина беше животна одлука. Господ тука застана и зад мене и пред мене и продолжи да ме води.

Веќе за време на таа врска, почнав да се молам за жена, и тоа не за било каква, туку за добра (сепак треба да бидеме конкретни во молитвите). Ова честопати го потенцирав пред Господа и Марија, па дури и по раскинувањето, јас упорно опстојував во тоа. Решен тоа да биде одење во чистота, тргнав од ден на ден надевајќи се дека ќе биде така. По само шест месеци, ја запознав мојата сегашна сопруга. Ја гледав на Литургија во катедрала, и на прва ми беше многу убава и симпатична. За време на една Литургија (незаборавна 3-та недела на од Божиќниот пост, 2015 година) ми се појави мисла: таа може да биде добра девојка за тебе (сè уште не бевме се запознале, а камоли да разговараме). Реков, “Боже, мора да се шегуваш, па не ја ни познавам!”

Одењето без допир е малку екстремно … зарем не?

Сепак, „случајно“ стапивме во контакт и почнавме да одиме на кафе. После четири месеци, решивме официјално да влеземе во „врска“. Таа вели дека не го признава тој период под одење, затоа што започнавме правилно да одиме малку подоцна, и морам да се согласам со неа. Врската сè уште не беше како што нè учи отец Фркин, се држевме за рака и си испраќавме понекој нежен бакнеж, одвреме навреме. Но, дури и тоа беше премногу. Дури еднаш се согласивме дека одењето без бакнежи и допири е малку екстремно, дека тоа не ни треба, и не знаеме како некому може да му падне напамет (смешно, нели?).

Сето тоа изгледаше добро однадвор, но ние не се мрдавме од место, се залажуваме дека е онака како што треба да биде. Таа беше прилично емотивно затворена, несигурна, без некаква доверба во мене (минатото си го стори своето, момците кои и се допаѓаа не испаднаа баш добар избор). Јас, од друга страна, исто така, поучен од тешкото искуство и раните од минатото, бев сосема спротивен; сè сакав веднаш, или да оди или не, целосно емотивно отворен. Знаев дека сакам да се оженам и ако во таа насока не оди од почеток, продолжуваме понатаму. Веќе во првите денови на одење сакав да си ги откриеме најличните работи и да зборуваме за плановите за иднината. И навистина не сфатив дека моравме најпрво да ја градиме нашата љубов и личност, да ги лекуваме раните кои ни се товар и да го сториме тоа заедно со Господ, за да можеме воопшто да стапиме во брак.

Екстремен предлог

Еден ден кога се најдовме на паркинг за да одиме на кафе, два месеци од почетокот на „одењето“ таа возбудена и исплашена во исто време, ми го предложи она одење за кое двајцата се договоривме дека е екстремно. Претходно, таа била заедно со една пријателка на кафе и таа ѝ сведочела за таквото одење. Јас, на прва, изненаден ја погледнав со очи широко отворени, молчев една секунда, две, а потоа се согласив. Мислите ми летаа низ главата: „Па, јас веќе прочитав за тоа, требаше јас да и го предложам ова. Иако, тоа е малку премногу за мене, но можеби тоа е она што ни треба. Ајде, ќе се обидеме, кога таа е веќе толку воодушевена од сведочењето на нејзината пријателка, тогаш претпоставувам дека има нешто во тоа. За среќа, успеав да ја бакнам кратко пред да ми го каже тоа, којзнае кога ќе се венчаме, нема да имам шанса до тогаш… “

Работа на две од трите точки

И тука започна вистинската авантура. Првата средба ја договоривме со отец Фркин на која тој ни објасни сè и нè водеше понатаму низ врската. Без да се допираме или бакнуваме, почнавме да „работиме“ на две од трите точки кои отецот им ги повторува на сите: заедничка молитва и долги нежни разговори пред брак, на кои, по светата тајна на брак, се надоврзува трета точка, брачната љубов (дарувањето). Знаете што, јас сведочам за тоа, заедно со откажувањето од допир и бакнежи, затоа што тоа е единствениот начин. Некои луѓе се спротивставуваат на тоа жестоко (тоа е всушност добра работа, внатрешен бунт, нивната совест ги предупредува и затоа се борат, таков бев и јас), но верувајте ми, откако се оженив, сè што зборуваше отец Фркин се потврди. Со почетокот на одењето без телесност, престана загриженоста и трошењето време на оние неважни работи (смеам ли сега да ја бакнам? Зошто не иницира еднаш таа самата? Зар не сум ѝ мил? Како ќе се зближиме без тоа?). Телесноста на почетокот едноставно ни одземаше премногу од нашата енергија и време, а фокусот на вистинската длабочина беше изгубена.

Со овој начин на одење, љубовта расте бавно и никогаш не запира

Морам да признаам дека го сфатив вистинското значење на чистотата дури тогаш. Јас би рекол дека ова е единствената вистинска „чистота на одење“, сè друго е компромис на сопствена штета. Она низ што поминавме и верувам сите оние кои одат во врска на овој начин, всушност беше „прочистување“ на самите нас од страна на нашиот Господ, за да нè подготви за брак според Неговиот план. Тоа со себе донесе многу работи, сè што беше „нормално“ за другите, повеќе не беше за нас. Кога сè ќе се додаде и одземе, ни остана само молитвата, разговорите и нашата креативност затоа што моравме да импровизираме и да ги смислуваме нашите средби на различни начини. Одењето на море заедно не беше опција, повеќедневни екскурзии и слични работи исто така. Овие можеа да бидат само неприлики кои ќе доведуваат до искушение, да предизвикаат фрустрација и да ја соблазнат околината, а отецот сето тоа посебно ни го потенцираше.

Неопходно беше да се потрудиме да ги избегнеме грешните прилики и тоа доведе до тоа подобро да се запознаеме преку нашите разговори, кафиња, одење на кино, на поклоненија… Нашите души почнаа да се соединуваат, полека дојдоа довербата и сигурноста, станавме најважни еден на друг, пред сите. Љубовта растеше во нас без ние да бидеме свесни за тоа. Се сеќавам како за време на една средба отец Фркин ни рече: „Со овој начин на одење, љубовта расте бавно и никогаш не запира, таа секогаш има нагорна траекторија, додека во врските во кои има телесност, таа љубов првично расте нагло и потоа во одреден момент почнува да паѓа.“ Ова е затоа што преку телесноста не расте таа љубов што Господ ја замислил за нас, каде душите стануваат едно, туку тоа е чиста физичка привлечност која нема основа во Бога и кога-тогаш почнува да се распаѓа, затоа што се доаѓа до точка во која обете страни сфаќаат дека всушност ја промашиле смислата на сè и не гледаат иднина еден со друг. И тоа е токму она што можам и јас да го посведочам, затоа што сум ги пробал и двата пата.

Патот е тежок, но благословен

Се разбира, тоа е тежок, многу тежок пат, но благодатта и благословите што сега ги имаме во бракот не можат да се избројат, и тие се множат секој ден. И самиот многу пати, за време на нашето одење, ќе погледнев нагоре и му велев на Господа: „Дали треба да биде толку тешко?“ Сепак, верував дека ова е вистинскиот пат. Еднаш Му реков: „Знаеш, верувам дека тоа е според Твојата волја, иако има многу што да се реши меѓу мене и неа, Тебе нè предавам двајцата и направи од нас она што е потребно“. И така, по шест месеци одење се венчавме. Немаше „филмско“ барање на рака, тоа беше заедничко „да“ на 3-от викенд од Божиќниот пост во 2015 година (една година откако се запознавме) на вереничка церемонијата во една мала манастирска капела. Бевме само нас четворица: Господ, таа, јас и отец Фркин и тоа се моменти што секогаш ќе ги носам со мене.

Пет месеци подоцна се венчавме. Тој ден не ја симнав насмевката од лицето, ги „сончав забите“ без прекин и после венчавката веќе не ја пуштав од себе. Тоа беше како Господ да притисна на „прекинувач“ и во еден момент сè дојде на свое место. Сè, но баш сè стана природно, сите работи од кои се откажавме пред брак, сега кога ги искусивме за прв пат, беа некако посебни, и почнавме да ја цениме секоја мала ситница која до тогаш не ја имавме. Сите трња низ кои поминавме се исплатија и ја сакам мојата сопруга сè повеќе и повеќе секој ден. Заедно со Господ поминуваме низ секое искушение и грижа, а Тој, нашиот верен Бог, ни дава благодат да поминуваме низ сè во мир и без кавги (да, никогаш не сме се скарале за година и пол брак, и уште толку познанство пред брак). Ова е само еден од многуте благослови и благодати што тој ни ги дава за возврат, затоа што решивме да тргнеме по „тесниот“ пат и да се дадеме себеси во Неговите раце. Тој ни даде и син и се надеваме дека ќе има уште вакви благослови.

Господ дава рецепт за брак втемелен на карпа

Би се осмелил да кажам дека живееме во брак каков што го опишува свети Павле во своите посланија, Љубовта е навистина онаа што не се фали,туку прави жртва за другиот, сопругот е навистина глава на сопругата (додека во исто време сопругата е остатокот од телото, кое сопругот го држи со целото свое битие), сопругот навистина треба да ја сака својата сопруга како Христос што ја сака својата Црква. Господ го замислил сето ова толку убаво и ни даде рецепт за поставување на темелите на бракот на карпа (врз Него).

Знам дека сите овие работи кои ги носи овој начин на одење е тешко да се прифатат и да се живеат како што ги живеевме мојата сопруга и јас пред брак, но зарем не мислите дека се исплати? Јас мислам дека се исплати и ќе бидам сведок за тоа секој ден со мојот живот. (Томислав Врабец)

Жена врсна/Кате. М/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот