Ти во мене

Со поглед полн со почит се приближувам до Тебе и се прашувам како би го започнал овој наш разговор, не знаам кој по ред. Изгубен во својата тишина често сфаќам дека грчевито се држам самиот себе како нешто да можам да направам сам. И – кога ќе дојде првиот момент за нешто да направам – не можам сам, но и понатаму држам за себе. Како премногу да се плашам да се препуштам на Тебе да ме водиш по оној пат кој Ти веќе за мене го помина. Но, Ти тогаш ја прекинуваш таа тишина во мене и се обидуваш да ме смириш. Се гледам себе си и гледам дека сум немирна површина на море кое не може да прикаже одраз. Ми треба мирот кој само Ти можеш да ми го дадеш. Само мирната површина на водата може да даде јасен одраз на оној што се крие над и под таа површина. Создаден сум на Твоја слика – мора да бидам и Твој одраз. Смири ме!

Заради својата тврдоглавост често свртувам од патот. На секоја страна блескат знаци за забранета насока, но како да не ги гледам. Само продолжувам понатаму по свое. Можеби затоа што мислам дека повторно ќе успеам сам. Повторно грчевито се држам за себе додека во главата си создавам лажна слика дека со одговорот на Твојот повик сум се дал целиот себе, но, тоа всушност не е ниту еден прст. Ништо не поседувам за да можам да кажам дека е мое, дека тоа сам сум го создал или заслужил. Свесен на тоа и понатаму се држам до самиот себе.

Не се гордеам со тоа. Не знам од каде ми е храброста толку да Те игнорирам. Се плашам дека ќе ме осудуваш заради секој погрешен чекор кој сум го направил. Но, заради Твојата упорност полека попуштам. Секогаш ме изненадува таа Твоја трпеливост со која ме чекаш да се вратам. Ставаш пред мене толку очигледни знаци за враќање. Бидејќи никако не си се откажал од мене, одлучив да се предадам на Тебе, барем на кратко. Да видам како е тоа. Ако не ми се допаѓа, ќе си заминам. Ако веќе имам храброст да те игнорирам, тогаш ќе можам и лесно да си заминам од Тебе без страв од некоја последица. Но, веќе од првиот момент се случува промена.

Забележав дека таа бура во мене полека се смирува. Ураганот полека стивнува во лесен и тивок ветар кој толку нежно го допира секој агол во мене. Се прашувам – зошто одеднаш сум толку мирен и лесен? Повеќе не се држам за себе – туку Ти ме држиш. И на момент, го загледав Твојот одраз на мирната површина што пред малку беше немирно море. Ме смири. Го слушна моето викање. Кое олеснување во мене! Не ме осудуваше ниту за еден погрешен чекор. Всушност, во Твојот поглед не можев да видам ништо освен љубов. Оддеднаш во мене не постојат никакви стравови. Посакав ова чувство никогаш да не престане. Што сè може да направи еден момент насамо со Тебе. Сакам да Ти заблагодарам на сè што направи за мене – но не те видов повеќе.

Сега веќе не си само одраз на мене- сега Ти беше во мене.

fra3.net/Д.И.

За авторот