Светската молитвена осмина за единство на христијаните во Македонија

Од 18 до 25 јануари се слави Светската молитвена осмина за единство на христијаните, чија цел е да ја развива екуменската димензија помеѓу христијаните од сите деноминации. Традиционално, Католичката црква  ја организира оваа Молитвена осмина за единство на христијаните во Македонија и со тоа се приклучува на Молитвена осмина за единство на христијаните во светот. Пракса е молитвите да се одржуваат во сите локални христијански цркви кои сакаат да бидат дел од оваа иницијатива, па така во неделата на 19 јануари, домаќин беше Скопската парохија Пресвето Срце Исусово.

Верниците во Скопската катедрала со раширени раце и топли срца ги пречекаа браќата и сестрите од Македонската православна Црква и од Евангелско – Методистичката Црква. Овогодинешното гесло произлегува од Првото послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 1, 1-17 „Зарем Христос е разделен?“. Своите обраќања до присутните ги упатија монсињор Антун Циримотиќ, кој во оваа пригода го пренесе поздравот и благословот од Н.В.П. бискупот Киро Стојанов; парохот при скопската црква Света Петка Благоја Ацевски; Лазар Танчев од Евангелско – Методистичката црква во Скопје и дон Давор Топиќ скопски парох на парохијата Пресвето Срце Исусово. Свои настапи имаа и хоровите при католичката катедрала Пресвето Срце Исусово, хорот при ЕМЦ и хорот при Соборниот храм Свети Климент Охридски.

Вчера на 20 јануари во Евангелско – Методистичката црква се одржа заедничката екуменска молитва на која повторно беа присутни претставниците на гореспоменатите цркви, а во четврток домаќин ќе биде МПЦ и црквата Свети Димитриј.

Историјата на почетоците на Молитвената осмина датираат од средината на 18 век, кога покрај останатите повици за молитви за единство на христијаните отец Игнациј Спенсер го предлага „Сојузот за молитва за единство“, а Папата Лав XIII ја поттикнува праксата „Молитвена осмина за единство“ во рамките на празникот Духови, додека пак во 1908 година Молитвената осмина за прв пат е одржана во јануарскиот термин.

Е.Абјаниќ

Категорија: Македонија

За авторот