Папата Фрањо: Колку е жално да се гледаат разводнети христијани

Неделниот Ангел Господов папата Фрањо на 31 август 2014 година на плоштадот Свети Петар во Рим го започна потсетувајќи нѐ на клучното место во денешното Евангелие во кое Исус „почна на своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу…, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне.“

*******************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

На патот со Евангелието по Матеј со кое чекориме од недела во недела, денес доаѓаме до клучната точка во која Исус откако беше сведок дека Петар и останатите единаесетмина веруваа во Него како Месија и Син Божји, „почна (…)на своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу… (16, 21). Тоа е критичната точка во која излегува на видело спротивставеноста помеѓу Исусовиот начин на размислување и начинот на кој размислуваат учениците. Петар дури се чувствува должен за да го укори Учителот бидејќи таков срамен свршеток му е неспоив со Месија. Тогаш Исус тешко го укорува Петар, го враќа на „вистинскиот пат“, бидејќи мисли „не за она што е Божјо, а за она што е човечко“ и се класифицира, при тоа не е ниту свесен дека се става на страната на Сатаната, искушувачот.

На ова, во Литургијата ова недела инсистира исто така и апостол Павле, кој пишувајќи на христијаните Римјани, им вели: „не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку нашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја.“ (Римјаните 12, 2)

Ние христијаните живееме во светот потполно потопени во општествената и културната реалност на нашето време и тоа е така; но тоа со себе ја носи опасноста да станеме „световни“, опасноста дека „солта ќе ја загуби силата“, како што вели Исус (Мт 5, 13) т.е. христијанинот да се „разводни“ да ја изгуби силата на новоста која му ја дава Господ и Светиот Дух. Меѓутоа мора да биде спротивното: кога во христијаните силата на Евангелието остане жива, таа може драстично да ги промени „мерилата на човечкото пресудување, постојните вредности, интересите, размислувањата, изворите на вдахновение и животните модели“ (Павле VI, апостолско писмо Evangelii nuntiandi, 19). Жално е да гледаш „разводнети“ христијани кои изгледаат како разводнето вино, не се знае дали се Христови верници или припаѓаат на светот, како што разводнетото вино не се знае дали е вино или вода! Тоа е жално. Жално е да се видат христијани кои повеќе не се сол на земјата, а знаеме кога солта ќе го изгуби својот вкус, повеќе на никому не служи. Нивната сол го изгубила вкусот и се предале на духот на светот, т.е. станале световни.

Затоа е неопходно постојано да се обновуваме, напојувајќи се од изворите на Евангелието. А како може тоа да се спроведе во дело? Пред сѐ читајќи и медитирајќи на Евангелието секој ден, така Исусовото Слово секогаш да биде присутно во нашиот живот. Запамтете го тоа: ќе ви биде од помош да го носите секогаш Евангелието со себе, мало Евангелие во џеб, торба и прочитајте од него во текот на денот еден дел. Но, секогаш со Евангелието, бидејќи тоа значи дека го носите Исусовото Слово и можете да го читате. Во тоа понатаму ќе ви помогне учеството на неделната Литургија каде што го среќаваме Господ во заедницата, го слушаме Неговото Слово и ја примаме Евхаристија која нѐ соединува со Него и едни со други; многу се важни понатаму за духовна обнова, деновите за духовни обнови и духовни вежби. Евангелие, Евхаристија и молитва. Не заборавајте: Евангелие, Евхаристија и молитва. Благодарение на тие Господови дарови можеме да се приспособиме не со светот, туку со Христос и да го следиме на Неговиот пат, а тој пат е „да го изгубиш сопствениот живот“ за да го пронајдеш. „Да го загубиш“ во смисла да се дарува, да се пренесе од љубов и во љубов – а тоа вклучува жртва, па и крст – за одново да го примиме прочистен, ослободен од себичноста и хипотеката на смртта, исполнет со вечност.

Дева Марија секогаш претходи на тој пат; да и дозволиме да нѐ води и следи.

По Ангел Господов

Драги браќа и сестри утре во Италија на поттик на Италијанската бискупска конференција се слави Денот на чување на создадениот свет. Темата ова година е многу важна: „Воспитувај за чување на создадениот свет, за здравјето на нашите села и градови.“ Сакам сите, инстутуции, здруженија и граѓани со уште поголема преданост да работат на зачувување на животот и здравјето на луѓето исто така преку почитување на животната средина и природата.

Ги поздравувам сите поклоници од Италија и други земји, посебно поклониците од Сантијаго дел Чиле, Пистија, Сан Џовани Бјанка и Албано Сант Алесандра (Бергамо); младите од Модена, Басано дел Грапе и Равена; големиот број полициски моторциклисти и полицискиот музички состав. Би било убаво на крајот да ги слушнеме како свират…

Посебно ги поздравувам парламентарните преставници католици кои се собраа на својата 5 меѓународна средба и ги поттикнувам да ја живеат чувствителната улога на претставници на народот во согласност со евангелските вредности.

 […]

Ви посакувам пријатна недела и ве молам да молете за мене, добар апетит. До видување!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот