Папата: Да го отвориме срцето за Исусовата добрина

Папата: Да го отвориме срцето за Исусовата добрина

По повод првиот Ангел Господов во 2020 година, на празникот Света Марија Богородица, Папата Фрањо ги повика сите да го прифатат Детето и благословот кој Бог им го нуди на Црквата и на светот. Папата исто така се извини и за нестрпливиот гест кој се случи завчера додека ги поздравуваше верниците за време на посетата на јаслите на плоштадот Свети Петар.

На почетокот на новата година да дозволиме да нè благослови Мајката Божја, која на светот го даде својот Син. Тој е спасение; ако му го отвориме срцето ќе го дополниме со конкретни и секојдневни гестови на својот пат на мирот и надежта кој ќе не придружува во текот на целата година. Тоа е во центарот на првиот пладневен наговор на Папата Фрањо во 2020 година, на првиот ден во новата година, на 53. Светски ден на мирот и празникот Света Марија Богородица, Девицата која го роди Спасителот.

Светиот Отец, меѓу другото, истакна дека чуствата на благодарност и пофалби, кои го пратеа завчерашниот „Te Deum” во ватиканската базилика, продолжуваат и денес да се јавуваат затоа што ништо не се зема здраво за готово. Не се подразбира дека нашата планета ќе започне нов круг околу сонцето, и дека ние луѓето ќе продолжиме да ја населуваме. Не е сигурно, всушност, тоа секогаш е чудо на кое треба да се восхитуваме и на кое треба да се заблагодаруваме – рече Папата.

Љубовта нè прави трпеливи

Денешниот евангелски извештај ни ја претставува Марија како на пастирите им го покажува Новородениот, Божјиот благослов за големото човечко семејство, Тој ,кој во коренот го победи злото. Неговото спасение не е магично, туку трпеливо, односно вклучува трпение во љубовта која врз себе го превзема гревот и му ја одзема силата. Љубовта не прави трпеливи. Многу пати го губиме трпението. И јас се извинувам за вчерашниот лош пример – рече Светиот Отец, мислејќи на случајот, за време на посетата на пештерата на плоштадот свети Петар Имено, додека ги поздравуваше верниците, една жена силно го повлече за рака, предизвикувајќи му при тоа силна болка, на што Папата реагираше за да се ослободи од стискањето.

Исус е радост, слава и мир

Гледајќи во јаслите со очи на верата, гледаме обновен свет, ослободен од владеењето на злото и ставен под царската власта на Христос, Детенце кое лежи во јаслите – истакна Папата и додаде дека Марија затоа денес нè благословува покажувајќи ни го нејзиниот Син. Исус, како што пеат ангелите во Витлеем, е радост за цел свет, Божја слава и мир за луѓето. Тоа е причината зошто светиот Папа Павле VI, првиот ден во годината сакал да го посвети на мирот, молитвата, свеста и одговорноста за мирот.

Светиот Отец потоа потсети на овогодинешната порака за Светскиот ден на мирот, во која се вели дека мирот е патот на надежта, на кој одиме напред преку дијалог, помирување и еколошка преобразба. Затоа да го свртиме погледот кон Мајката и Синот кои ни се покажани. На почетокот на годината, нека ве благослови! Да дозволиме Мајката Божја да нè благослови со Својот Син – повика папата Фрањо.

Исус е благослов

Исус е благослов за оние кои се наоѓаат под јаремот на ропството, морално и материјално. Тој ослободува со љубов. На оној кој ја изгубил самодовербата Исус му зборува: Отецот те сака, не те напушта, со постојано трпение го чека твоето враќање (сп. Лука 15,20). Тој кој е жртва на неправдата и искористувањето и не гледа излез, Исус ја отвара вратата за братство – рече Папата и истакна дека Исус се приближува на оние кои се сериозно болни и се чувствуваат напуштени и обесхрабрени, нежно ги допира нивните рани, ги полива со масло на утеха, и слабоста ја претвора во сила на добрина која би ги одврзала и најсложените јазли.

Оној кој е затворен и е во искушение да се затвори во себе, Исус повторно ги отвора хоризонтите на надежта, почнувајќи со мал зрак светлина – рече Светиот Отец, повикувајќи нè да ги отвориме нашите срце и да се спуштиме од подножјето на сопствената гордост и да побараме благослов од Светата Мајка Божја, понизната Богородица. Таа ни го покажува Исус, да и дозволиме да нè благослови, да го отвориме своето срце кон Нејзината добрина. Така, годината која што започнува ќе биде од со надеж, не само со зборови, туку и преку секојдневни дела на дијалог, помирување и грижа за создаденото – поттикна папата фрањо.

После молитвата Ангел Господов, Папата на сите им ги пренесе своите желби за мир и добро во новата година, и откако се заблагодари на италијанскиот претседател на пораката, ги поздрави и охрабри сите мировни иницијативи кои локалните Цркви, како и црковните здруженија и движења ги промовираа на денешниот Светски ден на мирот. На крајот, посебна мисла испрати до храбрите волонтери кои се наоѓаат на најранливите места на мирот и правдата, како и војниците кои се на мировна мисија. На сите им посака никогаш да не престанат да имат надеж за светот на мирот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот