Момче, тебе ти велам стани!

20. недела по Педесетница

Евангелието ни зборува како Исус е пред градот Наин. И пред самиот влез наидува на тажен настан, пресретнува погребна колона, а мртов е млад човек, син единец, по него расплаканата мајка, вдовица и мноштво луѓе кои од почит и страв од смртта се приклучени на оваа колона.

Со смртта на нејзиниот син единец, животот се комплицира на оваа расплачена мајка, која воедно е и вдовица. Нејзината егзистенција станува неизвесена: со смртта на нејзиниот син ја губи и материјалната сигурност, бидејќи живее во свет во кој нема пензија, социјална помош…. Но во неа сепак има една сокриена надеж.

Таква една надеж можеби секој од нас ја има искусено, кога сме доживеале смрт на некоја наша сакана личност. Стоиме пред саканиот мртовец и очекуваме некое „чудо“ – молиме за чудо. Можеби тоа ни изгледа лудо, но е сосема нормално. Тоа е искра на нашата вера, никако не прифаќаме дека нашата сакана личност е мртва. Така и оваа мајка….

А од другата страна наидува Исус, со својата придружба, колоната на живот. И Исус не застанува пред колоната на смртта, не се плаши, не се приклучува, туку оди во пресрет на смртта, бидејќи знае дека има власт да ја победи.

Исус ја гледа тажната мајка, се сожалува над неа и како вистински Добар Пастир ја утешува со зборовите: Не плачи! Ги брише нејзините солзи, ја утешува. Приближувајќи се до мртвото момче Исус ги изговара зборовите: Момче, тебе ти велам стани! И нејзината тага се претвори во радост, смртта премина во живот, надежта стана реалност.

А денес, читајќи и слушајќи го токму ова Евангелие Исус сака да го направи истото и со нас. Исус силно ни довикува: Момче, тебе ти велам стани!

И сите знаеме дека многу животи не се животи, има животи кои се полни со страдања и тага. Многу често некои животи се одбележени со жалост и страдања, без слобода. Живот без љубов, со љубомора, недоразбирања. Сме изгубени како луѓе, на се гледаме безнадежно, црно… Колку многу мајки денес плачат над своите деца? Не само затоа што некои се телесно мртви, туку многу повеќе поради тоа што нивните деца немаат никаква смисла во животот. Ако погледнеме наоколу ќе забележиме низ нашите улици шетаат „мртви“ луѓе. Без надеж, без живот во нив.

Зарем не сме и ние такви кога започнуваме да се сомневаме во надежта на воскресението и животот вечен, кои ни ги дава Христос. Кога не го живееме искрено тоа ветување, туку само формално. Тогаш и во нас навлегува стравот, песизмизмот, тогаш и во нас започнува да преовладува стравот од смртта, и стануваме робови на смртта, духовни мртовци.

Можеби причината за нашата духовна смрт е што сме барале разни други лажни решенија, „пророци“ исцелители, бајачки…. Но сме останале и понатаму да бидеме духовно мртви. Затоа сме се чувствувале искористени, понижени, излажени…. А Исус не нѐ осудува за таквата наша постапка, туку е полно со љубов кон нас, милосрден, ни доаѓа во пресрет и ни вели: Стани за живот. Момче, тебе ти велам стани! За тебе има надеж, има живот во полнина. Бог може да нѐ промени. Во секој од нас има многу делови од нашата интима во кои воопшто немаме влезено. Но зошто не влеземе, зошто се плашиме да започнеме нешто ново, зошто свесно бегаме….

Но Бог може да воскреснува мртви, може од нас да создаде нов човек, со срце од месо. Атеист не е само оној човек кој не верува во Господ, туку и оној кој не верува дека Исус може да го промени.

Нашиот копнеж често пати е да се промени само телесната и материјалната ситуација, а многу повеќе ни е потребна духовна промена, преобраќање и на тој начин ќе доживееме потполна промена: и телесна и духовна. Треба да се отвориме кон еден поинаков живот, на кој Бог нѐ повикува. Потребно е да ја надминеме телесноста, материјалноста и да се прифати ветувањето Христово за да можеме да го „надмине“ минливото време и да се влезе во вечноста.

Денес, преку слободата која ни е дадена секој од нас нека одбере по која колона ќе оди: по колоната на смртта или по Исус, кој ја предводи колоната на живот.

Пишува: о. Гоце Костов

Категорија: Размислување

За авторот