Делата на милосрдието се во срцето на нашата вера

Делата на милосрдието се во срцето на нашата вера, во Бог – рече папата Фрањо на светата Литургија на 7 јануари во капелата на домот Света Марта – прва по божиќната пауза. Осврнувајќи се на Првото послание од свети Иван апостол рече да се чуваме од световноста и духовите кои разделуваат од Бог.

„Пребива во Бог“ е мислата на свети Иван околу која Папата ја разви својата проповед. Да пребиваш во Бог е стилот на христијанскиот живот. Христијанин е оној кој во него останува, кој го има Светиот Дух и му дозволува да го води. Меѓутоа апостол Иван истовремено предупредува да не веруваме на секој дух. Потребно е да ги испитуваме духовите за да се утврди доаѓаат ли навистина од Бог. Тоа е правило на секојдневниот живот на кој нè поучува Исус– рече Светиот Отец.

Што пак значи „да ги испитуваме духовите“? Не се работи – како што рече Папата – за „духови“ туку за испитување на тоа што се случува во сопственото срце, кои се корените на она што го чувствувам; спознание од каде доаѓа тоа. Тоа – објасни – да се провери доаѓа ли она што го чувствуваме од Бог или од антихристот.

Световноста е дух кој нè разделува од Божјиот дух. Божјиот дух прави да останеме во Господ. Меѓутоа кој е критериумот за добро расудување на она што се случува во душата? На тоа прашање папата Фрањо одговори со апостол Иван кој наведува само еден критериум: „секој дух што признава дека Исус Христос дошол во плот од Бога е. А секој дух, што не признава дека во плот дошол Исус Христос не е од Бога.“

Критериумот е овоплотувањето – заклучи Папата, објаснувајќи: Можат да се чувствуваат мноштво добри работи, да се има добри идеи, но ако тоа не ме води до овоплотениот Бог, ако не ме води до ближниот, тогаш тоа не е од Бог. Затоа свети Иван го започнува денешниот дел со зборовите: „А заповедта негова е таа, да веруваме во името на Неговиот Син Исуса Христа и да се сакаме еден со друг, како што ни заповеда.“

Можеме да имаме мноштво пасторални планови, да смислуваме нови методи како да се приближиме до луѓето, но ако не сме на патот на овоплотениот Бог, Божјиот Син Кој стана човек за да оди со нас, тогаш не сме на патот на добриот дух, туку на антихристот, световноста, духот на светот – предупреди Светиот Отец.

Постојат многу луѓе кои се прават духовни, но кои не зборуваат за дела на милосрдието. Зошто? Затоа што делата на милосрдието го конкретизираат нашето верување дека Синот Божји се овоплоти. Зошто? Праша повторно Папата и одговори: Затоа што секој наш брат е Христово тело. Бог се овоплоти за да се поистовети со нас. Штом нашите браќа трпат, трпи и Христос – рече папата Фрањо.

Не верувајте на секој дух, бидете внимателни – повтори Папата – испитувајте ги духовите за да видите доаѓаат ли навистина од Бог. Нагласи дека служењето на ближниот во потреба е знак дека го следиме добриот дух односно дека сме на патот на Божјото Слово кое стана Тело. Да го молиме денес Господ – рече на крајот папата Фрањо – за милоста добро да разбереме што се случува во нашите срца; се работи ли за движења на Божјиот дух кој нè води до служење на другите или се работи за световен дух кој нè упатува на самите себе, на сопствената затвореност и егоизам.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот