Астрофизичарот Пиеро Бенвенути : Зборовите на Папата не се контроверзни за Големиот удар и еволуцијата

„Зборовите на папата Фрањо за Големиот удар и еволуцијата, дефинитивно не се противречат со христијанската идеја за создавањето; тие се плод на дијалогот помеѓу науката и верата, кој во последниве години многу живо се развива, посебно по објавата на енцикликата ’Fides et Ratio’ на свети Иван Павле II. Тоа е добро познато во академските кругови, но за жал не е доволно познато на ниво на јавното мислење (мнение). Како научник затоа сум и среќен што Папата за тоа повторно проговори“ – рече Пиеро Бенвенути, професор по астрофизика на универзитетот во Падова и советник на Папскиот совет за култура, зборувајќи за Радио Ватикан за неодамнешниот говор на папата Фрањо до членовите на Папската академија на науките.

„Теоријата за Големиот удар, како процес на континуирано ширење на универзумот е еден од најважните научни придонеси на теологијата: да се покаже дека универзумот се развива според прецизно одредени закони, така наредени за да човекот, со својот разум, може да ги разбере“ – рече професорот Бенвенути.

„Станува збор за идеја која во суштина не е спротивна на библиската идеја за создавањето. Како што папата Фрањо објасни, Бог не е волшебник со магично стапче кој со еден потег прави сѐ одеднаш. Туку, како што потсетува свети Тома Аквински, создавањето е континуиран процес. Тоа не е само еден настан во минатото, туку чин кој трае од ден на ден и го одржува светот секој момент во постоење“ – објасни професорот.

„Преминот од небитие во битие за нас верниците е чин на објавување на Божјата љубов. Нека биде светло“ – рече астрофизичарот – „треба да се толкува како божествен чин надвор од времето и кој поради тоа останува вечно, во секој момент, доколку го создава самото време.“

Сепак потсетуваме, како христијанската наука за создавањето вклучува два аспекта: континуирано создавање, но и почетно создавање: со други зборови, ја вклучува идејата дека светот не е вечен, туку дека Бог во еден момент на конечното минато – можеби во моментот на Големиот удар – го создал светот. Традиционално се зборува за ’креацио континуа’ – континуирано создавање или одржување на сѐ што постои во егзистенција – и ’креацио оригинанс’ – оригиналниот и почетен чин со кој Бог го создал светот, а пред и за време кое ништо не постоело.

„Науката, со своите методи“ – продолжи советникот на Папскиот совет за култура – „може да ја следи само временската еволуција на континуираното создавање. Не може, од своја гледна точка, да го дефинира преминот од не-време во време, од небитие во битие.“ „Ние имаме идеја за линеарното време која ја црпиме од секојдневното искуство, од фактот дека живееме на планетата која се врти околу себе за 24 часа. Но времето на космосот следи други часовници и затоа не можеме да го достигнеме моментот нула, туку можеме само да опишеме што се случило после тоа“ – рече професорот и додаде:

„Извонредно е – го рекол тоа Ајнштајн – што универзумот е разбирлив со разумот. Тоа е најнесфатливото нешто што постои. Она што е важно е да не ја читаме Библијата како да би била научен извештај . тоа би било, како рече Бенедикт XVI, самоубивство на мислата“ – заклучи астрофизичарот Бенвенути.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот