Светиот Отец: Бог е Господар на животот

Христијанинот пред проблемите во животот да не оди по „едноставниот пат“, туку секогаш треба да се надева на Бог кој нема да ја скрати својата помош – тоа го рече папата Фрањо на светата Литургија во сабота 13 април, која ја служеше во капелата на домот Света Марта. На светата Литургија присуствуваа претставници на ватиканската полиција, ватиканските пожарникари, како и монахињи од општеството на сестрите Ќерки на Мислордието.

Не е добро животот да се „дотерува“ кога работите не ни одат добро, бидејќи тоа значи дека немаме доверба во Бог, кој е Господар на животот. Напротив, христијанинот треба да знае да го прифати она што му се случува. Голема е поуката за животот која папата ја изнесе од читањата на Делата на светите Апостоли, кое се чита овие денови по Воскресението. Во проповедта Светиот Отец го продолжи своето размислување за случувањата во првата христијанска заедница.

Во денешните читања се говори за новите браќа во верата кои меѓусебно се расправаат – грци против евреи – поради некои практични работи, како што е грижата на вдовиците. Папата Фрањо се задржа на тој дел и рече: Првото што направија е што започнаа да мрморат: мрморат еден против друг. Но тоа не доведува до никакво решение, тоа не донесува решение.

Со помош на Светиот Дух апостолите реагираа соодветно: ја повикаа групата и разговараа. Тоа е првиот чекор: кога има потешкотии, треба добро да се согледаат, да се разгледаат и да се разговара за нив. Никогаш не треба да ги криеме – истакна светиот Отец. А токму тоа го прават апостолите. Не се кријат, туку проценуваат и одлучуваат, без одложување – рече Папата. Сфаќајки ја нивната главна должност дека е молитвата и служењето на Словото, се одлучуваат да постават ѓакони кои ќе им помагаат во нивната служба.

Поврзувајќи го тој настан на првите христијани со настанот од денешното евангелие, во кое Исус ги смирува учениците во разбранетото море, папата рече: Кога постојат проблеми, треба да се прифатат, а Господ ќе ни помогне да ги решиме. Не треба да се плашиме од проблемите. Самиот Исус им вели на учениците: Јас сум! Не плашете се! Со потешкотиите во животот, проблемите, новите работи со кои треба да се соочиме, Господ е таму. Можеме и да погрешиме, но Тој е секогаш покрај нас и ни зборува: „погреши, но појди повторно по вистинскиот пат (…) – рече Папата, а потоа додаде – Не е добро да се дотерува животот, да се шминка. Животот е таков каков што е, тој е реалност. Тој е таков, каков што Бог сака да биде или како што Бог дозволува да биде. Но е таков, каков што е и како таков треба да го прифатиме. А Духот Господов ќе ни даде решение на проблемите – рече Светиот Отец.

Не плашете се, јас сум!, тоа го говори Исус секогаш: во потешкотии, во моменти кога е мрачно и кога не знаме што да правиме. Поради тоа да ги прифатиме работите како што доаѓаат, но со Господовиот Дух и со помош на Светиот Дух. И така да одиме напред, сигурни дека сме на вистинскиот пат. Да го молиме Господ за таа благодат: да не се плашиме, да не го дотеруваме животот, да го прифатиме животот каков што ни доаѓа и да настојуваме да ги решиме проблемите онака како што тоа го прават апостолите; и да бараме средба со Исус кој секогаш е покрај нас, па и во најмрачните моменти од животот – истакна на крајот Светиот Отец.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<