Папата Фрањо: Светиот Дух „ја буди“ нашата христијанска историја

Ватикан, 13.5.2013 /к.мк/ – Светиот Дух „го буди сеќавањето“ за историјата на спасението и даровите добиени од Бог без кои христијанинот би бил идолопоклонник. Тоа го рече папата Фрањо за време на светата Литургија во понеделник 13 мај во капела на домот Света Марта, која ја отслужи во присуство на вработени од техничката и административна служба на Радио Ватикан и Папскиот совет за мигранти.

Папата се осврна на литургиското читање за денот во кое група христијани од Ефес тврдат дека не знаат ништо за постоењето на Светиот Дух (Дела.19 ,1-8). Тоа „непрепознавање“ не се однесува само за првите христијански времиња, бидејќи „Светиот Дух и денес останува странец во нашата вера“, посочи папата Фрањо:

И денес многу христијани не знаат кој е Светиот Дух и се задоволуваат со молитвата Оче Наш и општењето со Синот или, пак, Го сметаат за гулаб, кој носи седум дарови, рече Папата. Така, Светиот Дух нема место во нашиот живот, но всушност Тој е „Оној што делува во нас“, кој „го буди“ нашето христијанско сеќавање. Тоа го вели Исус пред Педесетница: А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на се и ќе ви напомни за се што сум ви зборувал (Иван 14,26).

„Христијанинот без потсетување на историјата не е вистински христијанин, туку заробеник на моменталните околности – истакна Папата. Ја поседува, но не знае како да се служи со неа. Односно Светиот Дух нè учи како да се служиме со споменот од нашата историја. Кога го читаме Посланието до Евреите, авторот вели: „Потсетувајте се на вашите поранешни денови, кога, откако се просветивте, поднесовте голема борба во страдањата“ (Евреите, 10,32). Ова е потсетување на нашиот живот, нашата историја, потсетување на еден момент, во кој ја примивме благодатта да се сретнеме со Исус – потсетување на се она што ни зборува Исус.

„Овој спомен кој доаѓа од срцето е благодат на Светиот Дух“, истакна папата Фрањо. Да се потсетуваш на својата историја значи да се сеќаваш за сопствената беда, која нè прави робови, но и на Божјата благодат, која нѐ ослободува од неа.

На крајот Папата ги повика христијаните да молат за благодат за да се потсетуваат на спасението, за да не го заборават „поминатиот пат, благодатите во својот живот, простувањето на гревовите и дека биле робови ослободени од Господ“. (В.Н)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*