Папата Фрањо му подготви сендвич на гардистот

Уште од самиот почеток на својот понтификат папата Фрањо не престанува да го изненадува светот со својата едноставност и непосредност. По првиот поздрав „Добровечер“, железниот крст, престојот во домот Света Марта, ненадејните телефонски повици до познаниците и носењето на необични црни чевли, големо изненадување му направил и на секогаш будниот гардист пред вратите на неговиот стан. Случката ја опиша на својот блог отец Пино Коријас.

Пред неколку дена, папата Фрањо стана пред рана зора и излезе во ходникот каде пред вратата во став мирно, стоел припадникот на швајцарската гарда. Папата го прашал:

„А што правиш ти тука? Дали беше буден цела ноќ?“

„Да“, му одговорил гардистот малку изненадено.

„Постојано си на нозе?“, прашал Папата.

„Ваша Светост, тоа е моја должност која ја преземав од својот претходник.“

„Не си уморен?“

„Тоа ми е должност, Ваша светост; да внимавам на Вашата безбедност.“

Папата Фрањо милно го погледнал, потоа влегол во својот стан и се вратил носејќи стол: „Сега барем малку седни и одмори се.“

Гардистот бил запрепастен и одговорил: „Свети Оче, простете, но јас не можам! Правилата не го дозволуваат тоа.“

„Велиш, правила?“

„Заповедите на мојот капетан, Ваша Светост.“

Папата на тоа се насмевнал и рекол: „Зарем навистина? Па, јас сум Папа и ти наредувам да седнеш.“

И така, наоѓајќи се помеѓу правилата и Папата, гардистот го одбрал столот.

Потоа, Папата повторно влегол во својот стан и по неколку минути се вратил, носејќи му сендвич со мармалад што тој самиот го подготвил давајќи му го на гардистот кој се уште послушно седел.

Светиот Отец, на војникот кој пред да успее било што да каже, му упатил широка насмевка му рекол: „По сите овие часови кои си ги поминал стоејќи на стража, сигурно си гладен.“ Гардистот на тоа не успеал ништо да каже затоа што Папата веднаш додал: „Добар апетит, брате.“

Превземено од: laudato.hr

Превод: E.A.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

Your e-mail address will not be published.
Required fields are marked*