Колку ни е убаво посланието на нас жените

Колку ни е убаво посланието на нас жените

Верувам дека раѓањето дете за нас жените е еден од најважните моменти во нашиот живот. (…) Сакам да се обидам овој текст да го напишам од аспект на жените, преку моето лично искуство и она што го гледам како благослов и дар кое токму ние жените можеме да го дадеме на Црквата и општеството. А можеме и тоа многу!

Дарот на плодност

Но, од каде да почнеме? Уште со самото размислување за моето тело и дарот на плодност, можноста да бидам бремена, да носам нов живот и да учествувам во неговото создавање е нешто неописливо. Тоа навистина е тешко да се објасни со зборови. Како мајка на пет деца ја носам во себе жива радоста и огромната благодарност за тој дар! И овде гледам дека моето послание на најубав можен начин е поврзано со славење на животот, учество во неговото создавање. На сето тоа му претходи сето тоа што доведува до тоа, до ваков брак, ваков сопруг кој е отворен за живот. Забележувам дека овде е многу силна одговорноста на нас жените. Каква ќе биде врската пред бракот, за време на веридбата, кон кои реалности ќе го насочуваме нашиот однос. Ако жената во оваа подрачје не е цврста и не постави некои одредени вредности како приоритети, тогаш тоа ќе има влијание и на сето она што следува. Имам послание да живеам во чистота и да сведочам дека моето тело е храм на Светиот Дух, колевка на животот. И ако јас како жена не го штитам тоа светилиште на животот, како ќе очекувам некој друг тоа да го прави?

Во книгата Битие читаме како Бог и рекол на змијата, човекоубиец уште од почеток … лажец и татко на лагата (сп. Иван 8, 44) со овие зборови: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата.“ (Битие 3, 15). Кога ги читам овие зборови, забележувам дека овде се работи за духовна борба. И навистина, ако ја погледнеме кризата со која денес се соочува светот, ќе забележиме дека таа се случува на духовното подрачје, на подрачјето на човечката сексуалност, бегање и оддалечување од Божјиот план за создавањето на човекот, бракот, семејството. Се напаѓаат основните антрополошки вистини, а паралелно со тоа се намалува или се обезвреднува дарот на плодноста, убавината на раѓањето. Дури и меѓу верниците за жал може да се слушне говор за „култура на смртта,“ кога на пример на негативен начин се зборува за нечија бременост или се релативизира вредноста, светоста и достоинството на секое зачнато човечко битие. И овде гледам дека ние жените имаме послание да сведочиме за радоста на животот, дарот на плодност, да бидеме амбасадорки на животот! Како Марија, која пред сè е Мајка!

Семејството и воспитувањето на децата

Едно од најважните подрачја на моето послание во Црквата е мојот брак и моето семејство. Да, намерно прво напишав мојот брак. Се сретнав со многу жени кои својот фокус го насочуваат на децата, на нивното воспитување, а го занемаруваат својот брак. Или ревно служат во својата парохија, а повторно од друга страна го занемариле бракот. А бракот е оној прв однос во кој сум повикана да бидам целосно присутна, да се дарувам 100 %. На венчанието му ветив на својот маж дека ќе го сакам и почитувам сѐ до крајот на животот. И овде гледам дека повторно е големата одговорноста токму на нас жените, да не прифаќаме тој однос да стане нешто обично, навика, делумен, како „мочуриште“. Кога ќе забележам дека малку сме се оддалечиле веднаш ми се вклучува некој „аларм“. И тогаш разговорам со маж ми и се обидуваме да изнајдеме начин за повторно да се зближиме. Некогаш тоа ќе биде одвојување на време за разговор или одење на некоја духовна обнова. Секојдневниот живот и грижите знаат да го „исушат“ нашиот однос и ако самите ние не се избориме за тој однос да биде квалитетен, набргу ќе станеме како „оженети самци“. И гледам дека на нас жените овде ни претстои голема одговорност и послание, да се бориме тој однос да биде целосен и свет. Секако, како родители и први воспитувачи на нашите деца имаме незаменливо послание и одговорност за нивното воспитување. Во текот на породилните отсуства имав прилика да бидам повеќе со децата, посебно кога одеа на училиште. На нив тоа многу им значеше. Да ги напишеме домашните задачи, да учиме со нив, да им направам ручек. Во овие наизглед мали работи се криеја големи благослови за нивното растење. Прекрасно и благословено послание во кое секоја вложена минутка и тоа како се исплаќа и се враќа повеќекратно!

Евангелизација

Се сеќавам на моите денови поминати во болница за време на породувањето. По едното раѓање во собата бев со неколку жени кои имаа комплицирани породувања и бремености. Бидејќи јас веќе имав породување пред ова, жените кои беа прв пат ме прашуваа за многу работи. Имав кај себе Нов Завет и една жена го здогледа на мојот ормар, и почна разговор за верата. Ѝ зборував за тоа што мене ми значи Исус, што сѐ направи и што прави во мојот живот. И сведочев за неговата љубов. После неколку изминати денови во ситуација кога имаше многу тешки моменти и болки, неизвесност од комплицираната бременост која одеше кон предвремено пораѓање, на крајот на пораѓањето го зеде мојот Нов Завет и рече дека многу ѝ значеле разговорите со мене во врска со верата, за Исус. Молевме заедно пред породувањето. Породувањето помина над сите предвидувања. Овде можев да видам дека сум јас таа Црква во таа родилна сала, во таа соба во која лежевме со болки, каде што можеби не може да допре свештеник. И ако сум отворена за Бог тој преку мене ќе делува, Тој може да го допре срцето на другите жени. Затоа секоја ситуација во која се наоѓам е важна и единствена прилика да го остварам своето послание.

 Има ли место за служење и надвор од семејството?

Секојдневието и интензивниот ангажман во семејството ме доведоа до еден период и уморот кој дојде како последица на неисправното и „жртвувањето“ на секојдневието. Како уморот да ја гаснеше љубовта и желбата да се даруваат талантите и знаењето на својата Црква. Ќе кажете дека семејството е на прво место. Тоа е вистина! Но, постои и една опасност, посебно кај нас жените, да се затвориме во сигурноста на семејниот дом и да се грижиме единствено за нашите деца и сопругот. Тоа е само дел од нашето послание. На Бог му требаме и во Црквата, му треба и нашата отвореност и грижата за другите. Потребни сме во нашата парохиска заедница или бискупија. Учествувајќи во животот на заедницата или Црквата, жената ја облагородува Црквата. Големо искушение е да се мисли дека жената нема што да даде на својата парохиска заедница. Или да дозволи на духот на малодушноста и обесхрабреноста да завладее со моето срце. Денес ни се потребни храбри жени кои во една парохија ќе донесат мајчинска топлина и сила, убавина и живот! Сакам да ве охрабрам, посебно жените, колку што е можно на бројни начини да го најдете своето место во Црквата. Кога љубиш, кога гориш од љубов, ќе пронајдеш време и кога е тешко да се пронајде. На Бога му треба жената во Црквата! Потребно е само да одлучиме! Да одлучиме да го дадеме животот! Нека на тој пат нѐ придружува застапништвото на Царицата на Мирот!

Мирта Милетиќ/Гласник мира/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот