Слово Божјо за денес: Вистинските пастири треба да се одликуваат со чистотата на душата

Слово Божјо за денес: Вистинските пастири треба да се одликуваат со чистотата на душата

Од Светото Евангелие според Лука (9, 1-16)

1. Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести, 2. и ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни. 3. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате! 4. Но, во која куќа влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат. 5. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, ним за сведоштво.” 6. А кога излегоа, тие одеа по селата, проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде. 7. Ирод четворовласникот, кога чу што прави Он, беше во недоумение, зашто некои велеа дека Иван воскреснал од мртвите; 8. други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци. 9. И рече Ирод: „На Ивана јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?” И сакаше да Го види. 10. А апостолите, кога се вратија, Му кажаа што направиле. Па, откако ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида. 11. Но народот, штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување. 12. А денот почна да намалува. И се приближија до Него дванаесетте и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; оти овде сме во пусто место.” 13. Но Он им рече: „Дајте им вие да јадат!” Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет лебови и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.” 14. А тие беа околу пет илјади души. Но Он им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат на купчиња по педесет.” 15. И направија така, и ги поредија сите. 16. А Он, кога ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, за да ги стават пред народот

(…) Евангелистот запишал: Па, откако ги повика дванаесетте, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести. Исус ги испраќа своите ученици и им дава послание и власт за да можат да го исполнат. Не ги испраќа да одат со својата сила, ниту мудрост, ниту способност, туку со неговата. Тие се тие кои Тој како Бог ги поставува за пастири и настојници на својот народ да го водат во името Божјо, што се случува до ден денешен преку апостолите и нивните законски наследници и соработници. Од тука секој пастир треба да ги карактеристиките кои ги имаат апостолите кои ги избира Исус. А за што точно станува збор, се гледа од спомнатата реченица. Примиле власт над нечистите духови, да изгонуваат и да лекуваат секаква немоќ и болест кај народот. Навистина, тоа е централниот дел на посланието на Исусовите ученици. (…)

Вистинските пастири треба да се одликуваат со чистотата на душата, и преку неа да бидат делотворни и ефикасни, бидејќи смислата на нивното послание е да ја пренесуваат на луѓето Божјата чистота. Навистина, тоа го може само оној кој се дава себе си да се очисти и да биде целосно на располагање на Бог. Само оној кој ја вкусил Божјата чистота, може добро да ја воочи нечистотијата на овој свет и да ги изгонува нечистите духови кои го држат светот во покорност, правејќи ги луѓето робови на нечистотијата. Божјиот жетвар пак кој работи на жетвата Божја станува вистински жетвар ако во својот живот живее согласно волјата Божја, односно ако живее размислувајќи за Божјата чистота. Таков во светот многу јасно го согледува делувањето на нечистите духови, и прави сѐ за Божјиот народ да го предупреди на неговите замки, како и на состојбата на животот во валканост на кој луѓето често се навикнуваат. Единствено свештеникот кој дозволува Христос да му биде сонце и светлина успешно ги доведува душите до Бог, затоа што и самиот дозволил Господ да го оспособи за својата служба.

Затоа не ни преостанува ништо друго туку во понизност да го молиме господарот на жетвата да испрати чисти и трудољубиви работници во жетвата своја за овој свет да го чистат од нечистите духови и сигурно да го водат Божјиот народ по патот на спасението.

д-р. Иван Бодрожиќ/вера и дела/к.мк

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот