Детски воз доаѓа во Ватикан

Ватикан, 20.6.2013 /к.мк/ – Повеќе од 250 деца ќе ја имаат единствената прилика да го видат Светиот Отец, а самото доаѓање во Ватикан ќе им биде вистинска авантура. На ватиканската железничка станица ќе пристигне во недела. Иако доаѓаат од различни земји, сите имаат нешто заедничко: социјални и семејни проблеми.

Патувањето го организира здружението „Детски воз“ за кое д-р Патриција Мартинез вели дека е замислен токму за децата. „Наменет е за децата кои можеби никогаш не би имале можност да доживеат нешто слично, заради тешките семејни или социјални ситуации. На овој проект работиме од декември во соработка со разни агенции кои се грижат за децата“, изјави д-р Мартинез за Ром Репортс (Rome Reports).

Во проектот под наслов „Патување низ убавината“, вклучени се деца на возраст од 6 до 12 години кои ќе имаат прилика меѓусебно да се запознаат и да видат различни култури и места. Случувањето е дел од иницијативата „Двор за деца“ чив покровител е Папскиот совет за култура.

„Во возот ќе бидат деца од три различни града, секој со своето искуство и од различни средини, а во сето тоа ќе биде важна духовната компонента“, истакна кардинал Џанфранко Раваси.

Папата ќе се сретне со децата во салата Павле VI., а брзиот воз го стави на располагње италијанската железница. Интересно е тоа што последниот дел од патот возот ќе треба да се довлече, затоа што најмалата држава во светот нема електрифицирана железница.

„Ќе пристигне со брз воз, а заради слабата опременост на ватиканската станица, до неа и до плоштадот Свети Петар ќе го довлече дизелска локомотива“, објасни директорот на италијанската железница Мауро Морети.

Пред влезот во Рим, децата ќе ја посетат катедралите во Милано, Фиренца и Болоња. За активностите во Рим ќе се погрижи педијатриската болница Малиот Исус (Bambino Gesú), а организаторите се надеваат на слични иницијативи и понатаму. (Превод: Е.А.)

Категорија: Ватикан

За авторот