Жалост беше првото чувство кое го почувствувал пензионираниот надбискуп на Барселона кардинал Луис Мартинез Систак, откако слушнал за терористичкиот напад кој се случи во неговиот град.
Во разговор за Радио Ватикан, поранешниот надбискуп на каталонската метропола изјави дека е благодарен што постои силна осуда на нападот. Мораме да се молиме на Бог да ги преобрати срцата на оние кои се одговорни за тероризмот. Тоа што е важно сега е да се држиме заедно и да ги промовираме клучните вредности – рече кардиналот.
Тероризмот го поткпува токму тоа: поттикнува пропаѓање на вредностите и омраза. Секоја земја е повикана да ги поучи своите граѓани за вредноста на животот – рече кардинал Систак. Кој го посетува Рамблас во Барселона, тоа го прави за да ја запознае радоста на градот. Локалните жители дури и не ја користат таа улица, на пример за да отидат на работа. Од таа причина атентатот не е насочен против градот, туку против светот, затоа што напаѓачите знаат дека на тоа подрачје се движат првенствено туристи. Секој напад нѐ остава без зборови и како да ги намалува нашите срца. Но, ние мораме поинаку да реагираме: можеме да го победиме тероризмот со љубов и братство, а Господ притоа ќе биде со нас – истакна поранешниот надбискуп на Барселона.
РВ/к.мк