Шефот на лекарскиот тим на поликлиниката Гемели во Рим, Серхио Алфиери, кој го лекуваше папата Фрањо, за „Кориере дела сера“ откри дека најкритичниот момент за Светиот Отец бил на 28 февруари, кога останал без воздух.
Шефот на медицинскиот тим на поликлиниката Гемели во Рим, Серхио Алфиери, кој го лекуваше папата Фрањо, откри за „Кориере дела сера“ дека најкритичниот момент за Светиот Отец бил на 28 февруари кога останал без воздух, објави „Катпрес“ во вторник, 25 март 2025 година, пренесе ИКА.
„Тоа беше најлошото. Првпат видов солзи во очите на луѓето кои го лекуваа (…) Бевме свесни дека неговата состојба се влоши и дека постои опасност да не издржи“, изјави интернистот Д-р Алфиери.
Во тој момент „моравме да одлучиме дали ќе престанеме, дали ќе продолжиме да се бориме и ќе се обидеме со сите лекови и сите достапни терапии, со ризик да ги оштетиме другите органи. На крајот, се одлучивме токму на тоа“, ракажа.
Негувателот на Папата Масимилијано Страпети, кому поглаварот на Католичката црква му ги довери сите одлуки во врска со текот на лекувањето, рече: „Обидете се со сè, не се откажуваме“. Целиот тим така размислуваше, „никој не се откажа“, рече Д-р Алфиери.
Тој нагласи дека Папата секогаш бил свесен, дури и кога состојбата му се влошувала. „Таа ноќ беше ужасна. Знаеше, како и сите ние, дека можеби нема да ја преживее ноќта. Го гледавме човекот како страда. Но од првиот ден тој инсистираше да му ја кажеме вистината за неговата состојба”.
Кога настапи втората криза, кога Папата за малку ќе се задушеше од повраќање, најлошото веќе беше поминато. Но, тој момент беше и опасен по живот, изјави Д-р Алфиери.
Во интервјуто тој го објасни и начинот на составување на медицинските билтени кои беа објавувани во јавноста за време на престојот на Папата во болницата. Според него, лекарите пренесуваа медицински податоци на личните секретари на Папата, а тие ги додавале деталите, по што Светиот Отец ги одобрувал извештаите. „Во ниту еден момент ништо не беше менувано или изоставено“, нагласи Д-р Алфиери.
Тој е убеден дека на Папата му помогнале и бројните молитви. Има научни истражувања, потсети тој, според кои молитвите им помагаат на пациентите. Тој рече дека и самиот сега два пати доживеал дека ситуацијата била безнадежна, но потоа за чудо се променила.
Потсетувајќи се на доаѓањето на папата Фрањо во болницата на 14 февруари, Д-р. Алфиери изјавил дека Светиот Отец веќе со денови бил во лоша состојба и тешко дишел. Но, очигледно сакал да си ги исполни обврските поврзани со Светата година. Дури кога забележал дека не оди поинаку, се согласил да оди во болница.
Тој откри дека Папата му ветил дека ќе ги следи препораките на лекарот во претстојниот двомесечен период на опоравување, „за да не бидат залудни нашите напори“. Затоа Папата сега мора да избегнува контакт со групи и деца, за да не се појават нови инфекции. Но, тој е Папа и не можеме ништо да му препишеме“, заклучи доктор Алфиери.
Ика/к.мк