Црквата е земјата на која звањето рти, расте и раѓа плодови
Црквата ги поддржува звањата, а по конечното животно предавање, нашето патување во црквата не завршува, туку продолжува со подготвеноста да се служи и трајна формација – напиша папата Фрањо во пораката за Светскиот ден на молитвата за звање.
Папата Фрањо во пораката за овогодинешниот Светски ден на молитва за звања ги повика сите верници да „преземат одговорност“ во расудувањето и грижата за повикот. Темата на пораката е „Црквата мајка на звањата“, а денот на молитвата ќе се одбележи во четвртата недела од Великот пост на 17 април 2016 година. Нагласувајќи дека духовниот повик се раѓа во Црквата рече дека е потребно од моментот кога звањето ќе започне да се покажува треба да се има соодветно „чувство за Црквата“. Никој не е повикан исклучиво за одредено подрачје, група или црковно движење, туку за целата Црква и светот – напиша Светиот Отец.
Истакна дека свештениците се „посебно важни“ во расудувањето за повикот и дека „пасторалната грижа за звањата се заснова на дел од нивната служба“. „Свештениците ги следат луѓето кои размислуваат за повикот, како и оние кои веќе го посветиле својот живот на служење на Бог и заедницата“ – рече папата Фрањо. Изрази надеж дека сите крстени можат да ја искусат радоста на Јубилејот на милосрдието и повторно да го откријат своето христијанско звање. Црквата е – како што рече – куќа на милосрдието и земјата на која звањето рти, расте и раѓа плодови.
Папата потсети дека преобраќањето и звањето се две страни на еден ист медал и остануваат неразделни низ целиот живот на Христовите ученици. Звањето е пат по кој се оди заедно со браќата и сестрите во Господ. Црковната динамика нагласува дека е противотровот на рамнодушноста и на индивидуализмот – рече Папата. Истотака ја истакна користа на апостолското искуство со другите членови на заедницата во текот на формацијата.
Црквата ги поддржува звањата, а по конечното животно предавање, нашето патување во црквата не завршува, туку продолжува во подготвеноста да се служи и трајната формација. Човек кој го посветил својот живот на Господ има волја да служи на Црквата било каде е потребно – нагласи Светиот Отец. Рече дека мајчинството на Црквата се изразува преку внимателниот избор на кандидатите за свештенство и посветен живот, како и преку трајната поддршка на оние кои го посветиле животот за служење на другите.
Да го молиме Господ за сите кои се на патот на звањето да им даде длабоко чувство на припадност на Црквата и Светиот Дух да го зацврсти во пастирите и верниците чувството на заедништво, расудување и духовно татковство и мајчинство – напиша на крајот на пораката папата Фрањо.
РВ/к.мк/Д.И.