Црквата доби двајца нови светци

Исус на себе ја зема нашата смрт за да нè ослободи и повторно да ни даде живот – рече папата Фрањо на светата Литургија за канонизација на свештеникот од Полска Станислав од Исус и Марија и чесната сестра од Шведска Марие Елисавета Хеселблад.

Поаѓајќи од денешниот евангелски извештај за оживувањето на синот на вдовицата од Наин го истакна централниот настан на нашата вера: „Божјата победа над страдањето и смртта.“

Во Христовата мака е Божјиот одговор на расплачениот и понекогаш разочаран крик поради искуството на болка и на смртта. Не се работи за бегање од крстот, туку останување со него како Дева Марија која страдајќи заедно со Исус прима милост на надеж против секоја надеж. Остануваме длабоко соединети со маката на Господ наш Исус за во нас да се покаже силата на неговото воскресение – објасни Папата.

А таа сила се покажувала во животот на денес канонизираните светци. Елисавета Хеселблад родена 1870 година во лутеранско семејство на 18 години емигрирала во САД. Се посветила на грижа за болните во Њујорк каде што ја продлабочила католичката вера и била крстена. За време на престојот во Рим основала конгрегација на чесни сестри и спасила барем 60 Евреи од фашистичка Италија заради што е прогласена и за „праведничка меѓу народите“. Починала во Рим 1957 година, а за блажена е прогласена во 2000 година.

Станислав од Исус и Марија е роден 1631 година. Основал нов институт посветен на Безгрешното зачнување на Блажена Дева Марија, 200 години пред догматското прогласување на таа наука. Посебно се посветил на промовирање на верата меѓу маргинализираните и сиромасите и молитви за покојните, посебно тие кои не биле подготвени за смртта. Починал 1701 година, а за блажен е прогласен во 2007 година.

Папата во проповедта истакна дека Исус на себе ги зеде нашите гревови и оживеани нè враќа во Црквата. Тоа на посебен начин се случува во текот на Светата година на милосрдието. Црквата – истакна Папата – денес ни ги покажува двете свои деца, примерни сведоци на тоа воскресно таинство. По светата Литургија пред молитвата Ангел Господов папата Фрањо ги поздрави претставниците на полските и шведските власти велејќи: „Нека Господ по заговорот на двајцата нови светци ги благослови вашите народи.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот