Целото Евангелие е сумирано во зборот милосрдие

Светиот Отец на 5 јуни ги прими во аудиенција учесниците на Генералното собрание на дружбата свештеници на Пресветото Срце Исусово кои по својот основач се нарекуваат дехонијанци.

Во текот на собранието расправавте за тоа каква треба да биде вашата монашка заедница за со сите да може да го дели животот и Евангелието; вашето собрание се одвиваше под мотото: „Милосрдни, во заедницата, со сиромашните“ – рече Светиот Отец во говорот со некои упатства за унапредување на пасторалната работа на дружбата.

„Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Мт 5, 7). Монашкиот живот се смета за евангелски доколку во целост ги остварува блаженствата. Затоа како монаси треба да бидете милосрдни, а тоа значи преку молитвата, медитирање на Светото Писмо и Евхаристијата да го живеете длабоко заедништвото со Бог во целиот живот за да растете во Божјото милосрдие. Поголемото спознание на бесплатната Божја љубов нè отвора кон нашите ближни. Обновата на дружбата и вашето послание во светот подразбира апсолутна грижа за секој собрат за неговото посветување да биде извор на поттик и средба на посветување со Исус, чие прободено срце е извор на утеха, мир и спасение за сите луѓе – рече папата Фрањо.

Целото Евангелие е сумирано во зборот милосрдие; можеме да кажеме дека милосрдието е Христовото лице кое Он го покажа доаѓајќи во пресрет на сите, оздравувајќи ги болните, јадејќи со грешниците, посебно кога распнат на крстот прости. Господ ве испраќа да ја носите неговата љубов во прв ред на сиромашните кои се привилегирани во неговите очи. Нека милосрдието кое го живеете ве поттикне на великодушно отварање на сегашните потреби и ефикасно заземање во новата евангелизација, отворајќи се кон оние во потреба – поттикна Светиот Отец, а потоа се осврна на историјата на дружбата.

Вашата историја е обележана со плодност на вашите браќа кои својот живот го потрошиле служејќи на Евангелието, живеејќи во заедништво со Пастирите, со неделиво срце за Христос и со духот на сиромаштво. Нека нивното евангелско определување го просветли вашето мисионерско делување и нека ве охрабри со обновен апостолски жар да го продолжете своето посебно послание во Црквата. По трагата на нивното сведочење можете во своите средини на живеење да го обновите своето мисионерско делување. Во заклучокот на говорот Папата на дехонијанците им посака да одат по патот на својот основач.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот