Царице Небесна: Сите треба да сведочиме дека Христос е жив

Папата Фрањо по молитвата Царице Небесна посака „нашиот начин на комуницирање во Црквата секогаш да има јасен евангелски стил, стил кој ја обединува вистината и милосрдието.“

„Во вознесението на Исуса распнат и воскреснат се наоѓа ветувањето на нашето учество во полнината на животот со Бог“ – рече папата Фрањо во наговорот пред молитвата Царице Небесна на 8 мај 2016 година, потсетувајќи дека во Италија и во некои други земји денес се слави празникот на Господовото вознесение. „Да го разгледаме таинството на Исус кој излегува од нашиот земски простор за да влезе во полнината на Божјата слава, носејќи ја со себе нашата човечност. Односно нашата човечност за прв пат влегува во небото“ – рече Папата.

По Исусовото вознесение учениците се вратиле во Ерусалим со голема радост. „Од тој ден за апостолите и за секој Христов ученик било можно да живее во Ерусалим и во сите други градови во светот, дури и во оние најмногу погодени од направедноста и насилството, затоа што над секој град е истото небо и секој граѓанин може да го подигне погледот кон надежта. Исус вистинскиот Бог и човек со своето човечко тело е на небесата! Тоа е нашата надеж“ – рече Папата.

Исус засекогаш останува Бог со нас и нè не остава сами – додаде истакнувајќи дека апостолите се сведоци на неговата смрт, воскресение и вознесение кои што започнале радосно да ги навестуваат. „Тоа сведочење – не само со зборови, туку и во секојдневниот живот – треба секоја недела да излезе од нашите цркви и во текот на неделата да влезе во домовите, канцелариите, училиштата, местата за средби и забава, болниците, затворите, домовите за болни, местата населени со мигранти, на перифериите на градот… Тоа сведоштво треба секоја недела да го носиме: Христос е со нас; Исус се вознесе на небото и е со нас; Христос е жив!

Господ за тоа сведоштво ни ја загарантира силата на Светиот Дух – потсети папата Фрањо додавајќи: Во тоа е тајната на посланието: присуството на воскреснатиот Господ меѓу нас кој со дарот на Духот продолжува да ги отвора нашите умови и срца за да ја навестиме неговата љубов и неговото милосрдие, дури и во опкружувања кои даваат најголем отпор. Светиот Дух е вистински творец на сведоштвото на Црквата и на секој крстен. Заради тоа никогаш не можеме да го занемариме собирањето на молитва за да го повикаме дарот на Духот – објасни Светиот Отец.

По молитвата Царице Небесна Папата потсети дека денес се одбележува 50-тиот Светски ден на социјалните медиуми кој го сакаше Вториот ватикански собор увидувајќи ја клучната улога на комуникацијата. Затоа Папата на сите вработени на тоа поле им упати срдечен поздрав со надеж нашиот начин на комуницирање во Црквата „секогаш да има јасен евангелски стил, стил кој ја обединува вистината и милосрдието.“

Ги поздрави и собраните поклоници меѓу нив и учесниците на италијанското национално одење за живот. Покрај тоа напомена дека денес се слави денот  на Мајката, поттикнувајќи ги притоа собраните заедно со нив да молат Радувај се Маријо и ги предаде сите мајки на застапништвото на Блажена Дева Марија.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот