Христијаните се повикани да бидат деца кои слушаат. Во своето пладневно обраќање, папата Фрањо ги охрабри верниците да најдат време за Божјото Слово, да откријат дека Тој ги сака и дека затоа се способни да Го сакаат во својот ближен. Денес сме преплавени со зборови и грижи дека секогаш мораме нешто да кажеме и направиме, но според Господ треба прво да слушаме
Слушање, познавање, следење – овие три збора ја опфаќаат врската помеѓу Господ и секој од нас. Папата Фрањо во своето пладневно обраќање пред молитвата Царице небесна во недела 8 мај 2022 година се осврна на Евангелието од неделната Литургија со слика на Пастирот и неговите овци.
Слушање и расположливост
Овците слушаат, иницијативата секогаш доаѓа од Господа, но заедништвото се раѓа единствено ако од наша страна има отвореност, расположливост, послушност, време посветено на дијалог.
Денеска сме преплавени со зборови и грижи дека секогаш мораме нешто да кажеме и направиме. Колку е тешко да се слуша! Во семејството, на училиште, на работа, дури и во Црквата! Но, според Господ, потребно е прво да се слуша. Да се запрашаме дали сме деца на слушање, дали наоѓаме време за Божјото Слово, дали им даваме простор и внимание на браќата и сестрите. Кој ги слуша другите, го слуша Господа, и обратно. И тој доживува нешто многу убаво, односно дека Самиот Господ слуша; нѐ слуша кога му се молиме, кога му се доверуваме, кога го повикуваме – рече Папата.
Да откриеме дека сме сакани
Слушајќи го Исус, откриваме дека Тој нè познава, што во библиска смисла значи дека нè љуби, а на посебен начин во страдањата, трпењата, заморот, кризата. Не поддржува во сето тоа живеејќи со нас – објасни папата Фрањо. Затоа, да се запрашаме: Дали дозволувам Господ да ме запознае? Дали му давам простор во мојот живот, дали му го донесувам она што го живеам? И откако многупати ја почувствував неговата близина, неговото сочувство, неговата нежност, каква идеја имам за Господ? – праша и истакна: Господ е близу, Господ е добар пастир.
Следете го и имитирајте го Исус
Говорејќи на крајот за третиот збор – да се следи, Папата истакна дека овците кои слушаат и откриле дека се препознати, го следат својот пастир и го имитираат. Оној кој го следи Христос, што прави? Оди таму каде што оди Тој, по истиот пат, во истиот правец. Оди да ги бара изгубените, се интересира за оние што се далеку, ја зема при срце состојбата на оние што страдаат, знае да плаче со оние што плачат, му подава рака на ближниот, го става на своите рамења – истакна Светиот Отец и поттикна да се прашаме дали само му дозволуваме да нѐ љуби или и ние го љубиме и го имитираме? Нека Пресвета Богородица ни помогне да го слушаме Христос, подобро да го запознаеме и да го следиме со служење – рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк