Трагедијата на бегалците е криза на хуманоста
Папата Фрањо, екуменскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот на Атина и на цела Грција Јероним потпишаа заедничка декларација по посетата на бегалскиот камп Морија. Повикаа на згрижување на бегалците и завршување на војната на Блискиот Исток.
Ние, папата Фрањо, екуменскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот на Атина и на цела Грција Јероним се сретнавме на грчкиот полуостров Лезбос за да ја искажеме својата длабока загриженост заради трагичната ситуација на многу бегалци, мигранти и баратели на азил кои дојдоа во Европа, бегајќи од ситуација на конфликт и во многу случаи секојдневни закани по животот – Со тие зборови започнува заедничката декларација потпишана на крајот од посетата на бегалскиот камп Морија.
Бегалската криза е криза на хуманоста
Не може да се игнорира колосалната хуманитарна криза која ја создаде ширењето на насилството и вооружените конфликти, прогонот и присилното раселување на верските и етничките малцинства и протерувањето на семјствата од нивните домови, кршејќи го нивното човечко достоинство, основните права и слободи – стои во изјавата.
Трагедијата на присилното раселување на милиони луѓе во основа е криза на хуманоста, а како одговор е потребна солидарност, сочувство, великодушност и итно практично делување. Од Лезбос ја повикуваме меѓународната заедница храбро да одговори на ова голема хуманитарна криза и на нејзините основни причини по пат на дипломатски, политички и каритативни иницијатици и заеднички настојувања како на Блискиот Исток така и во Европа – апелираат потписниците.
Апел за завршување на војната на Блискиот Исток
Како водачи на своите Цркви обединети сме во желбата за мир и подготвеност за промовирање на завршувањето на конфликтот по пат на дијалог и помирување – стои понатаму во текстот со повик политичките водачи да направат сè што е можно на сите заедници да им се загарантира дека можат да останат во татковината и дека го уживаат основното право на живот во мир и сигурност. Се нагласува дека е итно потребно да се постигне „широк меѓународен консензус“ и „програми за помош“ за да се заштитат ранливите луѓе, укинувајќи ги несигурните рути низ Егејското и Средоземното Море и развивајќи сигурни постапки за раселување.
Заедно свечено повикуваме на завршување на војната и насилството на Блискиот Исток на праведен и траен мир и враќање на оние кои биле присилени да ги напуштат своите домови. Ги молиме верските заедници да ги зајакнат своите напори во прифаќањето, помагањето и заштитата на бегалците од сите вероисповеди и верските и граѓанските служби да ги координираат своите иницијативи.
Овозможување на привремен азил и статус на бегалец
Додека постои потреба ги поттикнуваме сите земји да овозможат привремен азил и статус на бегалци на они кои ги исполнуваат условите, да ги прошират своите активности за помош и да работат со сите луѓе со добра волја – стои во текстот на декларацијата.
Европа денес се соочува со една од најсериозните хуманитарни кризи од крајот на Втората светска војна – напоменуваат потписниците. Затоа ги повикуваат христијаните да ги имаат на ум Господовите зборови според кои ќе бидеме судени: гладен бев и ми дадовте да јадам; жеден бев и ме напоивте; странец бев и ме примивте; гол и необлечен бев и ме облековте; болен бев и ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај мене… Вистина ви велам ако тоа сте го направиле на еден од моите најмали браќа мене сте ми го направиле.
Повик на постојана молитва
Освен тоа тројцата потписници ветија зајкнување на напорите околу целосното единство на сите христијани што вклучува промовирање на социјална правда меѓу сите народи. Заштитувајќи ги основните човекови права на бегалците, барателите на азил, мигрантите и многу маргинализирани луѓе во нашите општества – напоменаа – сакаме да го извршиме посланието на Црквата во светот.
Нашата денешна средба има за цел да ги охрабри и да ја разбуди надежта во оние кои бараат засолниште и на сите кои ги прифаќаат и им помагаат. Ја поттикнуваме меѓународната заедница да ги заштитува човечките животи да ги направи приоритетни и на секое ниво да ги поддржува политиките на вклучување кои се однесуваат на сите верски заедници. Страшната состојбата на оние врз кои влијае сегашната хуманитарна криза, вклучувајќи многу наши христијански браќа и сестри, нè повикува на постојана молитва – стои на крајот од заедничката изјава која на Лезбос ја потпишаа папата Фарњо, екуменскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот Јероним.
РВ/к.мк