Тивката и молитвена посета на Папата на Аушвиц
Папата Фрањо на 29 јули 2016 година го посети нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау местото каде што силите на Хитлер убиле повеќе од милион луѓе, главно Евреи.
Папата Фрањо на 29 јули 2016 година го посети нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау местото каде што силите на Хитлер убиле повеќе од милион луѓе, главно Евреи. Светиот Отец помина пеш низ вратата која води во логорот со озогласениот натпис „Arbeit Macht Frei“, а потоа во мал автомобил беше префрлен од бараката до местото каде што на клупата се задржа во тивка молитва. Иван Павле II го посети тој нацистички логор во 1979 година, а Бенедикт XVI во 2006 година.
Папата Фрањо пред посетата одлучи дека во логорот нема да одржи никаков говор истакнувајќи дека повеќе сака да влезе во него сам во тивка молитва. „Би сакал да отидам на тоа место на ужасот без говор, без врева“ – објасни. „Сам да влезам, да молам. И нека Господ ни даде милост на солза.“
Светиот Отец во логорот се сретна, се ракуваше и бакна 10 луѓе кои го преживеале Аушвиц кратко задржувајќи се секој во разговор. Последниот од преживеаните му подари свеќа која Папата ја однесе пред местото каде што се вршени егзекуциите, допирајќи го во тишина ѕидот пред кој толку многу невини луѓе се убиени.
После тоа ја посети „ќелијата на гладот“ каде што нацистите ги убивале затворениците изгладнувајќи ги до смрт. Таму е погубен и свети Максимилијан Колбе на чие место на мачеништво папата Фрањо исто така се задржа во молитва.
Пред меѓународниот споменик на жртвите во Аушвиц Папата се задржа во размислување додека еден рабин на еврејски го запеа Псалм 130 – De profundis кој потоа на полски го прочита парохот на местото каде што живеело едно католичко семејство кое е егзекутирано – вклучувајќи и деца – затоа што сокривала и спасувала Евреи. На крајот Светиот Отец се сретна со 25 праведници меѓу народите.
РВ/к.мк