Бискупот на умбрискиот град Асизи, монс. Доменико Сорентино, истакна дека младиот Акутис и свети Фрањо се можност за средба со Исус
Петнаесет години, живот полн со активности, зрела вера, безгранична љубов кон Исус. Во блажениот Карло Акутис лежи лудилото на ова време, но со перспектива на вечноста, а не за работите од овој свет. Можеби во тоа е неговата привлечност, а во тоа се и одговорите, кои многу млади луѓе ги наоѓаат во него, а доказ за тоа е интересот што го покажуваат, како и посетата на неговиот гроб кој се наоѓа во храмот Свети Фрањо во Асизи.
Фрањо и Карло заедно
Во среда вечерта, по светата Миса, бискупот од Асизи, монс. Доменико Сорентино го отвори гробот на Карло Акутис, неколку дена по инаугурацијата на „вратите на Свети Фрањо“, повторно отворени по 800 години за да им овозможи на верниците повторно да го доживеат гестот, кога сиромавиот од Асизи се откажа од сите земски добра. Местото на свети Фрањо и телото на блажениот Карло – рече бискупот Сорентино – се можности за средба со Господ. Нивните слики, поставени на влезот во светилиштето, укажуваат на Исус.
Желбата на бискупот е да ги поттикне сите поклоници кои доаѓаат во светилиштето, да се отворат за светлината на Евангелието и длабоко да ја доживеат верата. Телото на блажениот Карло ќе биде трајно изложено.
Светилник
Карло Акутис беше прогласен за блажен од кардинал Агостино Валини, во Асизи на 10 октомври 2020 година, 14 години по неговата смрт од фулминантна леукемија. Во проповедта упатена до родителите на Карло, мајката Антонија и таткото Андре, кардиналот потсети дека Карло за многумина е „светилник“, но и модел на сила, туѓ на секаков облик на компромис, свесен дека за да остане во Исусовата љубов, евангелието треба да се живее конкретно, дури и ако бара да се оди спротивно на струјата, рече тогаш кардиналот Валини.
Ватикан њуз/к.мк