Со своите пријатели на Твитер папата Фрањо на 10 август 2017 година го сподели следното размислување: „Исус нема да нѐ остави сами, бидејќи сме му драгоцени“, со тоа потсетува на крајот од Евангелието според Матеј, каде што им ветува на своите ученици дека ќе биде со нив „сѐ до свршетокот на светот“ (сп. Матеј 28,20), како и на она што го кажа на 25 јуни 2017 година за време на молитвата Ангел Господов.
При тоа Папата напомена дека не постои христијанско послание во знакот на спокојство: потешкотии и искушувања се дел од евангелизациското дело, а ние сме повикани да најдеме во нив шанса за да ја потврдиме веродостојно својата вера и својот однос со Исус. Тие тешкотии мораме да ги сфатиме како можност да бидеме мисионери и да растеме во довербата кон Бог, нашиот Отец, кој никогаш не ги напушта своите деца во часот на бура. Ние никогаш не сме заборавени, туку Отецот секогаш ни помага – рече папата Фрањо.
Понатаму рече дека и денес христијаните се соочени со прогонства. Поради таа причина повика да молиме за нашите прогонети браќа и сестри, а исто така и да го славиме Бог, бидејќи и покрај сите неволји низ кои поминуваат и понатаму храбро и верно ја сведочат својата вера. Светиот Отец истакна дека нивниот пример треба да ни помогне да не се срамиме да заземеме став во корист на Христос, и храбро да го исповедаме во секојдневните ситуации.
Освен тоа Папата ги поттикна присутните никогаш да не ги заборават Исусовите зборови: „Не плашете се!“ Не плашете со од оние кои ве исмејуваат и кои се однесуваат лошо со вас, ниту пак од оние кои ве игнорираат или оние кои однадвор ве „фалат“ но во позадина се борат против Евангелието. Исус нема да нѐ остави сами, бидејќи сме му драгоцени – рече папата Фрањо и додаде дека во сведочење на верата не се вбројуваат толку успесите, туку важна е верноста кон Христос, признавајќи го во сите, па и во најтажните ситуации, непроценливиот дар што сме негови ученици.
РВ/к.мк