Струмица: Започна побожноста „Светол пат“

Струмица: Започна побожноста „Светол пат“

Во Светлата седмица во парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, по завршувањето на светата Литургија во попладневните часови се моли побожноста „Светол пат“. Покрај Светлата седмица, побожноста „Светол пат“ ќе се моли и секоја сабота до празникот Педесетница во парохиската црква со почеток во 18.00 часот.

„Светол пат“ е нов облик на лична и народна побожност. Предложена е во 1988 година од италијанскиот антрополог, салезијанецот Сабино Палумбиери и е направен според примерот на Крстниот пат, што значи дека вклучува 14 постојки, опишувајќи ги воскресните настани, а со цел да се задржи воскресната радост која беше навестена на празникот Воскресение Христово. Секоја постојка започнува со дел од Светото Писмо кое зборува за одреден воскресен настан, вклучува, размислување за истиот и завршува со молитва.

Во декември 2001 година Светиот Престол објави Упатства за народната побожност во литургијата, а во 153 точка стои: Побожноста наречена „Светол пат“ во последните години се разви и прошири во многу краеви. Следејќи ја формата од Крстниот пат, верниците се движат додека размислуваат за бројните објавувања на Исус, од Воскресението до Педесетница. Преку тие настани Воскреснатиот ја објавува својата слава на учениците, кои го исчекуваат слегувањето на Светиот Дух, закрепнувајќи ги во верата. Побожноста „Светол пат“ може да биде посебно средство за раст во верата, бидејќи преку крстот води до светлост.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот