Сто години од Егзодусот на Македонците Бежанци од Егејска Македонија 1913-2013
Послание на Неговото Високопреосвештенство д-р Киро Стојанов по повод 100 години од Егзодусот на Католиците од Егејскиот дел на Македонија (1913-2013)
Вовед; 1. Црквата е ходочасничка; 2. На патот на разединување; 3. Сеќавање кое обврзува; Заклучок.
************************************************************************
По повод 100 години од Егзодусот на Католиците од Егејскиот дел на Македонија свое духовно послание прати Неговото Високопреосвештенство д-р Киро Стојанов, насловено: Крстниот пат на нашата Црква
Посланието е објавено наспроти Велигден 2013, празникот на Христовото Воскресение и е поделено во: Вовед; Три поглавија – 1. Црквата е ходочасничка; 2. На патот на разединување; 3. Сеќавањето кое обврзува и Заклучок.
Во продожение ќе биде објавено попратното писмо кое Неговото Високопреосвештенство го прати до свештенството, монаштвото и верниците, како и текстот на посланието кое ќе биде објавено во продолженија во наредните денови.
Почитувани браќа Свештеници
Преподобни Чесни Сестри, Браќа и Сестри во Христа
Во оваа Година на верата се навршуваат сто години од Егзодусот на Бежанците од Егејскиот дел на Македонија, наши предци, верници Католици – Македонци. Тие беа истерани од своите вековни огништа поради својата вера и припадност на Католичката црква во 1913 година. Поминаа своевиден Крстен пат, односно вистинска Голгота. Многумина од нив беа убиени, измачувани, заминаа во вечноста барајќи засолниште. А оние кои го најдоа се чувствуваа ужасно од помислата дека неможат да се вратат на своето. Тоа беа луѓе со силна вера и живееја во голема надеж дека еден ден пак ќе се вратат во родните краишта. Но, за жал, тој ден до ден денес за нив не дојде. Заминаа во вечниот дом на нашиот Небесен Татко, каде еден ден заедно ќе се најдеме. Зад себе нè оставија нас, нивните потомци, да ја продолжиме верата во Исуса распнатиот и воскреснатиот, верата за која многу страдаа, но херојски ја сведочија. Останува на нас, особено на денешната генерација, да ја сведочиме и проповедаме за сегашните и идните поколенија и секогаш да ја држиме жива, како спомен на нашите дедовци и прадедовците верата во Троединиот Бог, задача која ни е аманет да ја шириме Радосната вест на сите Македонци, луѓе со добра волја, каде и да се.
Поттикнат од горенаведеното и сликата на присилно преселување и измачување на нашите верници и нивното херојско сведочење на својата верска и етничка припадност, да и денес остане актуелна и жива, а во знак на благодарност кон жртвите кое ги даде нашето духовенство и верниците се одлучив да упатам послание токму по повод 100 годишнината од Егзодусот под наслов „КРСТНИОТ ПАТ НА НАШАТА ЦРКВА“, мој скромен допринос кон големото дело на нашите предци.
Посланието има своја духовна и историска димензија и е наменето за секој добронамерен читател. Целта е да биде потсетник за херојското сведочење на нашите верници, но во исто време и поттик да не ги заборавиме корените и да не ги омаловажуваме нашите предци, туку да бидеме уште посилни и похрабри во сведочењето на нашата вера и во овие денови кога над Црквата се нависнуваат мрачни сили кои сакаат да прикажат сè црно во неа. Црквата е Христова.
Црквата е носителка на Христовата спасителна надеж зашто неа ја води Светиот Дух, а ние сме нејзини членови и како такви да знаеме секогаш да бидеме нејзини вистински сведоци. Нека и оваа скромно послание биде во тој дух и таа насока за доброто на сиот наш Божји народ.
Со почит и архиерејски благослов
Ваш Владика,
+ Киро Стојанов,
бискуп скопски и апостолски егзарх