Средба на претседателот Пендаровски со поглаварите и претставниците на верските заедници

Средба на претседателот Пендаровски со поглаварите и претставниците на верските заедници

Во претседателската резиденција на Водно, денес 8 април 2021, година се одржа средба на Претседателот Стево Пендаровски со поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот на Македонија.

На средбата присуствуваа Скопскиот бискуп и епарх Скопско- Струмички, монс. Киро Стојанов, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква, Марјан Димов, како и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Тема на средбата беа претстојните велигденски и рамазански празници и условите во кои поради пандемијата на Ковид-19 и оваа година ќе биде неопходна претпазливост на верниците при празнувањето во верските објекти во државата.

Претседателот Пендаровски укажа на важноста на улогата на поглаварите на верските заедници, како во негувањето на соживотот што е важен предуслов за просперитет и напредок на државата, така и на важноста на нивните постапки во време на пандемијата на Ковид-19.

Поглаварите и претставниците на верските заедници упатија апел до верниците за внимателно и одговорно однесување, сериозно и безусловно почитување на мерките и препораките од здравствените власти, за да се заштитат себе си и оние кои ќе одлучат оваа година да ги посетат храмовите по повод празниците, како и за неопходноста од вакцинација на граѓаните.

На средбата беше реафирмиран ставот дека соживотот и почитувањето на различноста се темелни вредности на Македонија.

к.мк

Фото: www.pretsedatel.mk/

Категорија: Вести, Македонија

За авторот