Социјалните мрежи се средства за евангелизација

Ватикан, 12.5.2013 /к.мк/ – Социјалните мрежи се средства за евангелизација и можат да бидат фактор за човековиот развој. Ова го пишува папата Бенедикт XVI во својата порака за 47 Светски ден на социјалните комуникации, кој се одбележува на 12 мај на тема: „Социјалните мрежи: врати на вистината и верата; нови простори за евангелизација“. По традиција, пораката на Папата беше претставена на прес-конференција на 24 јануари, кога Католичката црква го слави празникот на свети Фрањо Салешки, заштитник на новинарите. Порака на Папата беше претставена од монсињор Клаудио Чели, претседател на Папскиот совет за социјални комуникации и од монсињор Пол Тиге, секретар на советот.

Во пораката Папата истакнува дека развојот на социјалните мрежи придонесува за создавање на еден нов хоризонт, во кој луѓето можат да споделуваат идеи, информации и мислења, како и да влезат во нови форми на заедништво. „Кога дигиталните простори се добро избалансирани – наведува Папата – може да придонесат за дијалогот и дебатите, кога се водат со почит и внимание кон приватноста, одговорноста и вистината, можат, исто така, да го зајакнат единството меѓу луѓето и да ја охрабрат хармонијата во човечкото семејство“. Папата предупредува дека учесниците во овој нов хоризонт треба „да бидат веродостојни“, за да можат да ја изразат својата суштина.

Културата на социјалните мрежи поставува „сериозни предизвици“ за оние кои сакаат да зборуваат за вистината и за вредностите, предупредува Папата во пораката. Тој не ја крие загриженоста дека понекогаш „дискретниот глас на разумот може да биде загушен од метежот на прекумерните информации“ и не го привлекува вниманието на оној кој го донесува „поубедливо“. Токму затоа, пишува Папата, е потребно учеството на социјалните мрежи на оние кои се „свесни за вредноста на дијалогот и разумната дебата“. И уште повеќе, дека „дијалогот и дебатите можат да бидат потпомогнати од идеи, различни од нашите.“

Папата посебно го охрабрува учеството на верниците во социјалните мрежи, за да може преку нив Евангелието да стигне до оние кои се уште не го познаваат. „Дигиталната средина не е паралелен или чисто виртуелен свет“, туку „дел од секојдневната реалност на многу луѓе, особено на младите“, истакнува Бенедикт XVI. Истовремено наведува дека препораката за користење на социјалните мрежи „не постои поради потребата на времето“, туку за да може „Евангелието да стигне до умот и срцата на сите“. Ова учество на верникот треба да се карактеризира со „споделување на радоста од верата“ и од личното сведоштво на Евангелието, бидејќи „Исус Христос дава одговор на најдлабоките човечки прашања“.

Христијаните имаат повик да се пренесе преку социјалните мрежи „светлината на верата“, нагласува Папата, бидејќи „освен како средство за евангелизација, тие можат да бидат и фактор за човековиот развој“. Од друга страна, додава Папата, социјалните мрежи „го олеснуваат споделувањето на духовните и литургиските ресурси“ и дури можат „да откријат нови димензии на верата“. Многу луѓе ја откриваат верата, заедницата или побожноста онлајн, констатира Светиот Отец. Дигиталното присуство на Евангелието може да ги приближи луѓето до молитвените средби, литургиските прослави, црквите и другите духовни места. Порака завршува со повик до верниците да го сведочат Евангелието како во физичката реалност, така и во дигиталниот свет. (Н.В.+го*ко)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<