Папата Фрањо: Нека нашиот живот биде одговор на љубовта и служењето

Папата Фрањо: Нека нашиот живот биде одговор на љубовта и служењето

Марија е создание зачнато без грев и полна со благодати – истакна папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов. Марија е целата убава и покрај својата понизност, таа е ремек – дело, способна да даде простор на Бог без самодопадливост и подготвена да му служи на ближниот – рече Папата и поттикна, нека биде модел на нас лично и на нашите заедници!

Нека нашиот живот биде одговор на љубовта и на служењето на Бог – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, во недела 8 декември 2019 година, на плоштадот Свети Петар. Црквата денес го слави празникот на Безгрешното зачнување на Блажена Дева Марија. Како што е обичај од 1953 година, така Папата и денес учествуваше во свеченото искажување на благодарност и почит на римските граѓани пред статуата Безгрешна на плоштадот „Мигнанели“, веднаш до Шпанскиот плоштад, каде се молеше и положи цвеќе веднаш по посетата на базиликата Света Марија Велика.

За време на својот пладневен наговор, Светиот Отец на тоа ги потсети верниците и ги повика да му се придружат во тој гест на детска побожност, и затоа ги истакна различните димензии кои ја прават убавината на Дева Марија која „целата е света“, прикажувајќи ја за модел на заедницата и за личниот живот на верникот. „Еве, ќе зачнеш и ќе родиш Син“ – цитираше Папата и напомена: Во Евангелието кое зборува за навесувањето е опишано сѐ што Бог ќе направи како што ветил, но нешто веќе е направено во личноста и во животот на Дева Марија.

Имено, нејзиното безгрешно зачнување нѐ води точно до тој момент во кој животот на Марија започнал да чука во утробата на нејзината мајка – рече папата Фрањо и продолжи: Таму веќе била присутна посветувачката Божја љубов која ја чувала од заразата на злото која е заедничко наследство на човечкото семејство. Па, Бог сакал Марија од почеток да биде слободна од гревот и полна со милости. Таа е втората ознака на убавината на Дева Марија.

Бог во својот необјаснив план отсекогаш ја замислувал и ја сакал како создание полно со милости, односно полно со Неговата љубов – рече Папата и додаде: Но за да бидеме исполнети, потребно е да направиме простор, да се ослободиме и да се повлечеме. Токму како што направила Марија која знаела Божјото Слово да Го слуша и да има целосна доверба во Неговата волја, прифаќајќи ја без воздржаност во својот живот. Толку многу што во Неа Словото стана Тело.

Со своето ДА на ангелот кој побарал да стане Исусова мајка, Марија овозможила овоплотување и нејзино предавање во тој момент целосно – рече Светиот Отец и напомена: Не се загубила во своите размислувања, не поставувала пречки, туку се доверила и направила простор за делувањето на Светиот Дух. Во својата понизност и маленкост од сопствениот живот направила ремек – дело.

Веднаш на Бог му го ставила на располагање целото свое битие и сопствениот живот за Божјото Слово и Божјата волја да ја обликуваат и да ѝ помогнат да ја доврши својата задача – рече папата Фрањо и продолжи: Одговарајќи така совршено на проектот кој Бог го имал со Неа, Марија станува „цела убава“, без никаков траг на само допаѓање. Била понизна. Таа е ремек – дело затоа што останала понизна, мала и сиромашна. (…)

Марија била подготвена да ја врши волјата Божја, да дозволи Отецот небесен да го обликува нејзиниот живот и да се ослободи себе – рече Папата и додаде: А кога го кажува своето ДА, прифатила да биде Господова служителка и во тоа веднаш се покажува нејзиното внимание кон потребите на другите, како што ќе посведочи, поаѓајќи веднаш по навестувањето во посета на роднината Елисавета.

Нејзината расположеност кон Бог е во подготвеноста да ги преземе потребите на ближните – рече Светиот Отец и истакна: Сето тоа го правела без врева, без барање на чест и истакнување на себе во јавноста, затоа што љубовта и делата на милосрдието немаат потреба да се изложуваат како трофеј. Делата на милосрдието се прават во тишина, во сокриеност, без фалење дека сме ги направиле. Во своите заедници исто така сме повикани да го следиме примерот на Марија, применувајќи го тој стил на тишина и сокриеност.

Нека овој празник на нашата Мајка ни помогне од целиот наш живот да направиме позитивен одговор на Бог кој се состои во поклонување Нему и од секојдневните гестови на љубов и служење – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот