Од светото Евангелие според Лука (8, 41 – 56)
41. И ете, дојде еден човек, по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Па кога падна пред нозете Исусови, Го молеше да појде во домот негов, 42. зашто имаше една единствена ќерка на дванаесет години и таа умираше. А кога одеше Исус, народот се туркаше во Него. 43. И една жена, која страдаше дванаесет години од крвотечение, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, 44. пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвотечението. 45. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?” А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: »Кој се допре до Мене?«“46. Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.” 47. Жената, штом виде оти не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. 48. А Он ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!” 49. Додека Он уште зборуваше, дојде некој од управникот на синагогата и Му рече: „Ќерка ти умре; не мачи Го учителот!” 50. Но Исус, штом го чу тоа, одговарајќи, му рече: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!” 51. А кога пристигна во куќата, никому не му позволи да влезе, освен на Петра, Јована и Јакова, и на таткото и мајката на девојката. 52. Сите плачеа и ридаа по неа. Но Он им рече: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие.” 53. И му се потсмеваа, знаејќи дека е умрена. 54. А Он откако ги истера сите, ја фати за рака и извика, велејќи: „Девојко, стани!” 55. И се поврати нејзиниот дух, и се дигна веднаш, и заповеда да ѝ дадат да јаде. 56. И се зачудија родителите нејзини. А Он им заповеда, никому да не кажуваат за тоа што стана.
Евангелскиот ден кој го читаме или слушаме за 24 недела по Педесетница, нѐ соочува со трагедијата во семејството на еден угледен управник на синагогата и тажната судбина на една несреќна жена. А сето тоа се случува пред Исус. Он е Тој кој го слуша крикот на таткото Јаир: Ќерка ми умира! А после тоа и жалната вест: Ќерка ти умре! Он е Тој кој ја познава тажната судбина на една жена која го потрошила сиот имот за да оздрави, а ништо не ѝ користело; дури ѝ станувало полошо,“ како што сведочи Евангелието. Зад плачот на Јаир, и суровата вест за смртта на неговото дете, зад тажната животна приказна на болна жена се кријат и ситуации од нашиот живот: ситуации во кои пред неволјата сме целосно немоќни, ситуации во кои според евангелската објава, сака да влезе Бог и да ги промени. Можеби токму ти се наоѓаш во таква ситуација. Веруваш ли дека Бог може и сака да ја промени? Дали си подготвен да му дозволиш на Бог да влезе во неа?
Јаир паѓа пред нозете на Исус и плаче: Ќерка ми умира! Неговиот гест јасно зборува дека тој верува во Исусовата надземска моќ и неговото надземско достоинство. Тој гест изразува пред сѐ почитување, но и вера дека Исус е оној кој може и сака на неговата ќерка да ѝ го врати здравјето… Кога животот ќе ти зададе тешки удари и за тебе би било добро да паднеш пред Исусовите нозе, да му го искажеш своето почитување и со вера и надеж да го замолиш да го промени она што можеби веќе изгледа како скаменета трагедија.
Несреќната жена која дванаесет години боледувала од крвотечение, не ја притискала само болеста. Еднакво како болеста ја притискала и фактот што е исклучена од општествената заедница. За Евреите била нечиста и секој кој ќе дојде во допир со неа станува нечист. Затоа бил забранет секој допир со луѓе. Но, се борела упорно против своите неволји веќе дванаесет години, целиот имот го потрошила по лекари, а сѐ без успех. А потоа дозволила да ја вдахне и понесе верата: Ако се допрам само до неговата облека, ќе бидам спасена. Верата го прави чудото возможно, верата му отвора на слабиот човек пристап до Божјата семоќност. Верата ги лекува раните, ги обновува нарушените човечки односи, ја обезбедува Божјата близина и Божјото делување.
Ќерката ти умре! – Овие зборови го пречекале Исус, Јаир и оние кои се упатиле со нив токму пред куќата на Јаир. Се случило тоа што повеќе не можело да се промени. Спас повеќе нема. Кога настапува смртта, ние луѓето се наоѓаме на последните граници на своите можности. Пред лицето на смртта сме целосно немоќни. Своите починати единствено можеме да ги оплакуваме и да ги погребиме. Последната порака на Евангелието гласи: дури ниту во таа ситуација не смееме да се препуштиме на чувствата на очај и безнадежност. Дури и во таквите моменти сме повикани да ја зацврстиме својата вера и својата доверба. Дури и во таа ситуација Господ го повикува Јаир и сите нас: „Не бој се! Само верувај и ќе биде спасена!“ Верата навистина го прави чудото возможно, му отвора на слабиот човек пристап до Божјата семоќност, ја обезбедува Божјата близина и Божјото делување.
РВ/п. Анто Лозук/к.мк