Од Светото Евангелие според Лука (14, 25-35)
25. Со Него одеше многу народ; а Он се заврти и им рече: 26. Ако некој дојде при Мене и не го намрази татка си и мајка си, жената и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, Тој не може да биде Мој ученик. 27. И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој ученик. 28. Зашто, кој од вас, сакајќи да соѕида кула, не ќе седне најнапред да направи сметка колку ќе чини и дали има сè, што е потребно за нејзиното довршување, 29. та, откако ги постави темелите и не може да доврши, да не почнат, сите што гледаат, да му се смеат, 30. и да речат: »Овој човек почна да ѕида и не може да доврши«. 31. Или кој цар, одејќи во војна против друг цар, не ќе седне да се посоветува најнапред, може ли со десет илјади да издржи пред оној, што иде против него со дваесет илјади? 32. Инаку, дури е оној уште далеку, ќе прати слуги и ќе моли за мир. 33. Така и секој од вас, кој не се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик. 34. Солта е добро нешто, но ако таа облутави, со што ќе се соли? 35. Ниту на земјата, ниту на ѓубрето му е потребна; па затоа ја фрлаат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!”
Господ добро знаел дека луѓето се склони да прават пресметки во животот, затоа што меѓу останатото, без некои темелни пресметки кои се однесуваат на нашите земски реалности и не е можно да се живее. За тоа сведочат и двете параболи што ги раскажува: таа за човекот кој гради кула па мора да пресмета дали може да ја доврши и таа за царот кој мора добро да види дали има доволно војска за да се спротивстави на својот непријател. Исус ги наведува овие два примери за да покаже дека луѓето имаат и треба да имаат одредени пресметки во животот. Но и тогаш кога мора да пресметуваат, не е добро тоа да им премине во навика. Затоа што пресметките раѓаат страв од другите и страв од загуба на добрата кои ги поседуваме и на кои сме наврзани. Човек кој пресметува се плаши дека нема да прими толку колку што вложил, и не се впушта во ризици со луѓето. Тој оди на сигурна добивка.
Навистина е голема девијација ако луѓето таквиот став го применат и на односот со Бог, односно ако кон Него настапуваат на пресметувачки начин. Не знаат целосно да му се предадат на Бог, не знаат да бараат заради самиот Него, туку го бараат заради себе и своите потреби, и одат по Него само ако имаат некоја материјална корист. Многумина се оние кои го следат барајќи од Него да им ги сочува или зголеми постечките земни добра, а во суштина сериозно не им е до Бог, ниту да живеат божествен живот. Така луѓето суштината на својот живот ја расцепкуваат на делови од кои еден дел оставаат за Бог, другиот дел за луѓето, третиот за обврските и стравовите…. Не сфаќаат колку тоа е погрешно, посебно кон Бог, кој комуницирајќи со нас лично, очекува и нашиот став кон Него да биде личен, односно сеопфатен. Тој не сака да бидеме поделени малку на Него и малку на своите домашни, ниту да Го бараме Него само заради надворешните добра на своите домашни. Пред сè тој очекува од нас целосно предавање, што подоцна ќе се покаже како најголем дар со кој може да ги обдари и своите ближни, затоа што од Бог се учи безрезервната љубов и предавање и за нив.
Затоа можеме да кажеме дека Господ од своите слушатели бара добро да пресметаат каков став пред Бог заземаат. Вистинската пресметка која ја застапува вели дека на Бог треба целосно предавање, а човечката пресметка ги поттикнува луѓето од Бог постојано нешто да бараат за поедноставен земски живот. Евангелската пресметка ги ослободува луѓето од пресметувањето затоа што ги учи да не бидат пресметувачи како другите луѓе, туку да остават сè и да врват по Исус не барајќи некои друг интерес. Духовното евангелско пресметување нè тера да ги напуштиме човечките пресметувања и да се препуштиме на Божјиот начин на размислување во животот. Затоа единствена вистинска сметка пред Бог е непресметувањето, односно да не пресметуваме на човечки начин, односно врзани за земските интереси и побарувања. Исус навистина сака луѓето да научат да одат по Бог коренски и темелно, не само како некоја можност патем, а уште помалку како реалност која служи за сервисирање на земскиот живот.
Поуката која Исус ја дава важни и за нас денес, кога воочуваме дека многу христијани сериозно не пресметале дека да се биде христијанин значи да се биде без пресметување пред Бог. Многумина под масаката на духовноста се приближуваат до Бог, но во суштина тоа го прават редовно поради тоа „духовно пресметување“ според кое на Бог се служи за благосостојба во овој живот и од Бог има побарувања, наместо да бара начин како да му се препушти и дарува. Затоа Господовото Слово нè насочува кон тоа вистинско евангелско пресметување кое не ни дозволува да седиме на два стола, односно да се нарекуваме христијани, а да живееме во голем компромис со светот. На посебен начин не ни дозволува Бог да го повикаме да ни помогне да живееме на таков компромисен и компромитирачки начин.
Исус навистина сака да седнеме и да размислиме, потоа да направиме добра пресметка, односно сметка без пресметување, затоа што пресметувањето се случува како плод на зли страсти и наврзаноста на овој свет во длабочината на битието. Ако и можеме да ги залажуваме луѓето, под масаката на духовноста да имаме земско пресметување, Бог сигурно не можеме да го залажуваме, ниту од него можеме да ги сокриеме најдлабоките мисли. Да знаеш духовно да пресметуваш значи да се определиш да го следиш Исус, без оглед на тоа од што се треба да се откажеш и што да вложиш, како што ни сугерира неговото Слово: Така и секој од вас, кој не се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик.
д-р Иван Бодрожиќ/к.мк