Скопје: Прославен празникот на Евхаристијата

Во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје на 26 мај 2016 година, на  празникот Пресвето тело и крв Христова – Телово, свеченото Евхаристиско славење и процесијата за Телово ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски  ехзарх во Македонија,  монс. д-р Киро Стојанов.

На Евхаристиската служба заедно со бискупот Стојанов сослужуваа скопскиот парох  дон Давор Топиќ , парохискиот викар дон Јошт Мезег , о. Џовани Марија  Леонарди , бискупскиот канцелар отец Марјан Ристов како и двајца воени капелани на Полската војска – КФОР од Косово.

Во Катедралата беше изложена статуата на Марија од Назарет  која ходочасти низ целиот свет и која во Скопје престојува од 25 до 27 мај.

Во пригодната проповед  бискупот Киро Стојанов истакна: Апостол Павле нагласува дека Евхаристијата е голем дар кој Исус им го подари на своите ученици во исчекување на Неговото повторно доаѓање. Вообичаената молитва на Исусовите ученици е  –Мараната – Дојди  Господи Исусе. Во своите срца секоја  заедница пее: Твојата смрт Господи ја навестуваме, Твоето воскресение го славиме, Твоето славно доаѓање го исчекуваме. Тој факт нѐ потсетува дека ние сме патници на земјата и дека Евхаристијата ни е дарувана како леб – храна за време на патувањето. Црквата живее благодарејки на Евхаристијата. Оваа вистина не го изразува само секојдневното искуство на верата, туку во себе  ја содржи  тајната на Црквата. Црквата на многу начини радосно го доживува ветување кое непрестано се исполнува. Еве јас сум со Вас се до свршетокот на светот (Мт. 28-20). Тој Дар Црквата го прима како најголем, бидејќи всушност тоа е  Тој самиот, Неговата личност, Неговата Света човечност, тоа е дар на  Неговото откупителско дело. На овој празник Телово, со присуството на Марија од Назарет, оваа година на посебен начин да го доживееме Божјото милосрдие, хранејќи се со овој леб за да  бидеме и ние леб за другите.

Бискупот Стојанов исто така им го честиташе и празникот на заедницата на сестрите Евхаристинки, заблагодарувајки им се за нивното неуморно служење во Црквата.

Веднаш после светата причест следуваше процесија околу катедралата со Пресветата Причест, предводена од бискупот Стојанов.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот