Синодалните оци: Синодата посакува добро на семејството
„Посланието на современото семејство“, беше темата за работните групи на Синодата на епископите посветена на семејството, која се одржува во Ватикан. На брифингот се изјаснија латинскиот патријарх на Ерусалим Фуад Туал, монс. на Бризбејн, монсињор Колериџ и монс. Солми епископ на Парма.
Патријархот Туал: Синодата посакува добро на семејството
„Убав знак за колегијалноста“, така патријархот Туал ја дефинираше работата на Синодата. „Доаѓаме од различни контексти, но предизвиците се исти. Нормално е да нема согласност за сè, но општите точки преовладуваат“. „Сите го сакаме доброто за семејството. Во изминатите две недели ги разгледавме сите аспекти на семејството, како дел од целата Црква“. За прашањето за разведените кои се во нов цивилен брак и нивниот пристап до Евхаристијата, Патријархот изјави: „Темата е деликатна, а прашањата се многу, но не треба да се генерализира. Неопходно е секој случај да се третира одделно со поглед кон милосрдието, но без да се занемарува доктрината на Црквата“.
Монсињор Колериџ: Потребен е искрен дијалог за неканонските сојузи
„Синодата не завршува следната недела, туку продолжува и потоа“, изјави архиепископот на Бризбејн. „Тематската различност налага понапорна работа“. Што се однесува до разведените кои се во нов цивилен брак, епископот ја истакна потребата да се избегнат апстрактните поими и да се конкретизира реалноста, бидејќи пред сè, ова е пасторална Синода. Според него е потребен искрен дијалог и со неканонските сојузи и затоа треба да се сослушаат. „Може да се каже дека нема основа за промена на црковната доктрина“, појасни монсињор Колериџ. „Досега немаше говор во синодалната сала во која јасно се кажа дека разведените кои се во нов цивилен брак треба да земат учество во Евхаристијата, иако во некои работни групи беше побаран посебен гест од страна на Папата за време на јубилејната година“. Архиепископот на Бризбејн не исклучува и можноста за свикување на национална Синода за Австралија.
Монсињор Солми: Синодата овозможува широка визија за бракот и семејството
„Синодата треба да биде центар на Црквата и општеството“, истакна на брифингот епископот на Парма. „Сметам и се надевам дека одлуките на Синодата нема да бидат само „козметички“, туку ќе влијаат на животот во Црквата и ќе го стават семејството на место кое му припаѓа. Ова ќе биде силен сигнал за општеството, особено во европскиот контекст, каде што семејството многу често е заборавено“.
РВ/В.Н.