Ангел Господов: Да се чуваме од духовната гордост

Ангел Господов: Да се чуваме од духовната гордост

Во неделното обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела 23 октомври 2022 година, папата Фрањо зборуваше за неделното свето Евангелие од Лука, односно за двајцата протогонисти од Исусовата парабола; фарисејот и цариникот. Размислувањето на Папата го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Евангелието на денешната Литургија ни ja става пред очи парабола која има два главни лика, фарисеј и цариник (сп. Лука 18,9-14), односно религиозен човек и деклариран грешник. И двајцата одат во Храмот да се помолат, но само цариникот вистински се воздигнува кон Бога, бидејќи понизно слегува во вистината за себе и се претставува таков каков што е, без маски, со својата беда. Според тоа, би можеле да кажеме дека оваа парабола се протега меѓу две движења, изразени со два глаголи: да се воздигне и да се слезе.

Првото движење е да се воздигне. Имено, текстот започнува со зборовите: „Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник“ (р. 10). Оваа потсетува на многу настани од Библијата, каде за средба со Господа потребно е искачување на планината на неговото присуство: Авраам се искачува на гората за да принесе жртва; Мојсеј се искачува на Синај за да ги прими заповедите; Исус се искачува на гората, каде што се случува неговото преобразување. Искачувањето, значи, ја изразува потребата на срцето да се одвои од нискоста на животот и да оди во висините за да се сретне со Господа; да се издигне од рамницата на своето „јас“ за да се искачи кон Бога – да се ослободи од своето „јас“; да го собереме она што го живееме во долината и да го донесеме пред Господа. Тоа значи „искачи“ и кога се молиме се искачуваме.

Но, за да доживееме средба со Него и молитвата да нè преобрази, да се издигнеме кон Бога, ни треба друго движење – да слеземе. Како е тоа? Што значи тоа? За да се издигнеме до него, мора да се спуштиме во нашата внатрешност: да негуваме искреност и понизност на срцето, кои ни даваат правилен поглед на нашите слабости и внатрешната сиромаштија. Во понизноста, имено, стануваме способни да му го донесеме на Бога, без преправање, она што навистина сме, ограничувања и рани, гревови, неволји кои тежат на нашето срце и ја повикуваме неговата милост да нè исцели, да нè излечи и подигне повторно. Он е тој што ќе нѐ подигне, а не ние со нашите сопствени сили. Колку повеќе се понижуваме, толку повеќе Бог нè возвишува.

Имено, цариникот од параболата, понизно стоејќи оддалеку (сп. р. 13) – не се приближува, се срами – бара прошка и Господ го крева. Фарисејот, напротив, се возвишува, уверен во себе, уверен во својата исправност: исправен, почнува да му зборува на Господа само за себе, фалејќи се, наведувајќи ги сите свои добри побожни дела што ги направил, додека другите ги презира: „Не сум како овој таму…“. Тоа е она што ја прави духовната гордост. – „Но, оче, зошто ни зборувате за духовната гордост?“ Затоа што сите сме во опасност да паднеме во неа. Таа ве наведува да се сметате себеси за чесни и да ги осудувате другите. Тоа е духовна гордост: „Јас сум добар, подобар сум од другите: овој е ваков, овој е таков…“. И така, без воопшто да сте свесни за тоа, вие го обожувате вашето его и го прецртуваш својот Бог. Тоа значи да се вртиш во круг околу сопственото „јас“. Тоа е молитва без понизност.

Браќа и сестри, фарисејот и цариникот се тесно поврзани со нас. Размислувајќи за нив, да се погледнеме себеси: да се запрашаме дали во нас, како тој фарисеј, постои „уверување во себе дека сме праведни“ (сп. р. 9) што нè наведува да ги презираме другите. Ова се случува, на пример, кога бараме пофалби на наша сметка и постојано правиме список на нашите заслуги и нашите добри дела, кога сме повеќе загрижени за нашиот изглед отколку за тоа кои сме и што сме, кога ќе дозволиме да паднеме во стапицата на нарцизмот и егзибиционизмот. Да внимаваме на нарцисоидноста и егзибиционизмот, заснован на суета, кои нè наведуваат нас христијаните, свештениците, бискупите секогаш да го имаме зборот „јас“ на нашите усни: „Направив, напишав, кажав, сфатив и така натаму. Таму каде што има премногу „јас“,малку е присутен Бог. Овде, во мојата земја, таа личност се вика „јас, јас и само јас“, така се нарекуваат овие луѓе. Едно време се зборуваше за таков свештеник, па луѓето на шега велеа: „Кога кади, се движи наназад, па сам се кади“. И така дури стануваш и смешен.

Да притекнеме кон застапништво на Пресвета Марија, понизната слугинка Господова, жива слика на она што Господ сака да го прави, ги симнува силните од престоли и ги воздигнува смирените (сп. Лука 1, 52).

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот