Сестра Луција е прогласена за преподобна

Сестра Луција е прогласена за преподобна

Сестра Луција е прогласена за преподобна

Папата Фрањо одобри декрети за признавање на херојските крепости на пет Божји слуги, меѓу кои и сестра Луција де Хуесус Роса дос Сантос, една од трите деца пастири во Фатима; заедно со дваесет маченици од Шпанската граѓанска војна.

Црквата ја прогласи за преподобна кармелитјанката Лусија де Исус Роза дос Сантос, која заедно со нејзините братучеди Франциско и Јакинта Марто беа сведоци на низа објави на Пресвета Богородица во Фатима.

Декретот за признавање на херојските крепости на сестра Луција е објавен на 22 јуни 2023 година со одобрение на папата Фрањо.

Во 1916 година, Луција и нејзините двајца братучеди пријавиле дека ги посетил ангел во областа Фатима, Португалија. Следната година, почнувајќи од 13 мај, децата тврделе дека примиле низа објави од Дева Марија, а сето тоа кулминара шест месеци подоцна со познатото „Чудо на сонцето“, на кое сведоци биле десетици илјади луѓе.

По прераната смрт на нејзините братучеди, кои починаа неколку години подоцна од шпански грип, сестра Луција остана единствениот чувар на пораката што и ја довери Дева Марија, која ја препиша, на иницијатива на бискупот од Леирија, Хозе. Алвес Кореа да Силва, во четири документи помеѓу 1935 и 1941 година.

Подоцнежен документ, датиран 1944 година, кој ја содржи таканаречената „трета тајна“ бил испратен во Рим и првпат отворен во 1960 година. Свети Иван Павле II, кој имал посебна посветеност кон Богородица од Фатима, дозволил тајната да биде објавена во 2000 година.

Сестра Луција го помина целиот свој живот посветена на пораката што ја доби во Фатима. Најпрво таа влезе кај сестрите Доротејки во Вилар; подоцна станала кармелитка во Коимбра, каде што починала на 13 февруари 2005 година.

Објавите биле одобрени од различни Папи, а Црквата го одбележува 13 мај како празник на Пресвета Богородица од Фатима. Папата Фрањо ја посети Фатима во 2017 година на 100-годишнината од објавата, за време на која ги прогласи за светци Франциско и Јакинта. Со декретот од 22 јуни, процесот за канонизацијата на преподобната Луција продолжува да напредува.

Маченици од Шпанската граѓанска војна

Декретот го признава и мачеништвото на дваесет лица убиени од „омраза кон верата“ во 1936 година за време на Шпанската граѓанска војна.

Отец Мануел Гонзалес-Серна Родригез, роден во Севиља во 1880 година е именуван за парохиски свештеник во блискиот град Константин во 1911 година. Во ноќта на 19 јули 1936 година е уапсен од страна на републиканската милиција, а четири дена подоцна е погубен во сакристијата.

Тоа лето го означува почетокот на Шпанската граѓанска војна, многу други свештеници беа убиени во и околу Севиља, често без судење. Меѓу мачениците се и отец Маријано Кабаљеро Рубио, чија парохија во Хуелва била запалена пред неговото апсење; семинаристот Енрике Паласиос Монраба, кој бил уапсен и убиен со својот татко на 19-годишна возраст; но и адвокат, фармацевт, членови на парохискиот совет и прислужник кај сестрите Клариси, кој живеел со својата вдовица мајка во близина на манастирот.

Над две илјади маченици од прогонствата во Шпанија се веќе прогласени за светци, додека процесите за уште две илјади продолжуваат да напредуваат.

Други четворица нови преподобни

Заедно со сестра Луција, уште четворица Божји слуги се прогласени за преподобни. Сестрата Марија Ланг, која ја напушти родната Куба поради расна дискриминација и се пресели во Соединетите Држави, која во 1829 година во Балтимор ја основа Конгрегацијата на сестрите Облатки од Провидноста. Редот е посветен на образование во училиштата.

Салезијанецот Антонио де Алмеида Лустоза, кој служеше како надбискуп во Форталеза, Бразил и почина во 1974 година. Тој бил убеден дека вистинската евангелизација се состои во враќање на достоинството на најсиромашните луѓе и семејства. Бил и есеист, научник и уметник.

Венецијанскиот свештеник Антонио Пагани бил фрањевски теолог за време на соборот во Тренто, основач на машка и женска монашка заедница, Браќата на Крстот и Друштвото на понизните сестри.

И на крај, света Ана Канталупо, монахиња од Катанија, која се посветила на грижата за болните сиромашни, посебно за воените сираци, но и за духовната грижа на војниците од Втората светска војна кои минувале низ сицилијанскиот град.

Ватикан њуз/к.мк

 

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот