Семејството има централно место во пасторалот на Црквата

На единаесетото и дванаесетото Генерално собрание на Синодата стана збор за добрата подготовка на бракот, ранетите семејства и родителството, а претставниците на некатоличките христијански заедници потврдија дека семејството има централно место во пасторалот на Црквата и е темел на општеството.

Во однос на темата на посвојување на деца, истакната е потребата од грижа за достоинството на малолетните деца и правата на биолошките родители. Важно е да се посвети поголемо внимание на пасторалот за деца, посебно на тие деца кои се на улица, помагајќи ги сиромашните семејства во воспитувањето и образованието на децата. Тие можат да бидат важен фактор во новата евангелизација, благодарение на нивниот посебен силен мисионерски дух на помош кој поттикнува добри семејни односи.

Потоа, станало збор и за одговорното родителство и раѓањето како поглед на брачната љубов. Уште еднаш е истакната пророчката важност на енцикликата Humanae vitae, која ја оцртува човечката сексуалност во согласност со „граматиката“ на себедарување соединувајќи ги трите фактори: биосот, еросот и агапето. За жал, денес е тешко да се пронајдат свештеници што се способни да ги придружуваат семејствата на тоа подрачје.

Во однос на темата на раѓањето, епископите обрнаа внимание на абортивните средства и слабото познавање на ризиците од нивна употреба, како и на методот на вештачко оплодување. На тоа подрачје владее голема неинформираност, не само меѓу паровите, туку и меѓу свештениците. Поради тоа важно е Црквата да стане кфалифициран и етички авторитет, можеби со помош на мултидисциплинарни групи кои би ги проучувале феноменот на неплодноста во светлото на католичката морална наука.

Истакнато е дека треба да им се даде голема подршка на ранетите семејства, со цел, да бидат постојано придружувани во нивното созревање за да не останат никогаш сами. Затоа е повторно предложено отворање на бесплатни центри на ниво на парохии. Улогата на пасторот не треба да биде со „моќ на контрола“, туку таа служба треба да ја дели со самите семејства.

Во однос на разведените кои се во нов цивилен брак, некои епископи истакнале дека православната Црква ја признава неразрешливоста на бракот, но сепак дозволува склучување на нови бракови по разводот, по одреден покорнички пат. Речено е дека милосрдието не ја исклучува вистината, туку го менува животот. Поради тоа е потребен креативен пасторал кој не се задржува само на слепо наведување на правото, туку го следи евангелието и стварноста. Во осмислувањето на патиштата на интеграција треба да се има на ум Божјиот поглед на љубов.

Од друга, пак, страна нагласена е неразрешливоста на светотаинскиот брак, чија природа на ниеден начин не може да биде изменета. Дозволувањето причест за разведените кои се во нов цивилен брак би значело не само промена во дисциплината, туку и во науката на Црквата. Затоа е нагласено дека таканаречениот „покорнички пат“ за да би бил валиден треба да заврши со преообраќање и одлука дека нема повеќе да се греши.

Меѓу темите, пак, на дванесетото собрание на Синодата станало збор за мешаните бракови, во врска со кои е истакната важноста на екуменизмот. Исто како и ранетите семејства така и семејствата кои се во мешан брак од Црквата очекуваат утеха, прифаќање и следење, а не осуда. Затоа Црквата на верниците треба да им ја покаже убавината на брачното заедништво. Делегатите од другите некатолички христијански заедници нагласија дека семејството е „колевка на Божјата љубов“. Тоа на одреден начин личи на монашка заедница во која се живеат заветите на чистота, сиромаштво и послушност, во таа мера доколку во семејството се живее брачната верност, споделувањето на добрата и предавањето на Бог.

Изразена е и потребата од грижа за старите лица, кои се погодени од културата на отфрлање, предупредено е на идеолошката револуција како што е родовата идеологија, која настојува да го редифенира семејството и човечката природа. Истото тоа може да се каже и за културата на смртта, која дозволува абортус, изнајмување на матката, замрзнување на ембрионите и вештачко оплодување. Изразена е грижата поради леснотијата во откажувањето од христијанскиот идентитет во некои бракови меѓу муслиман и христијанка.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот