Се исплаќа ли денес да се стане свештеник?

Се исплаќа ли денес да се стане свештеник?

Во пресрет на Светскиот ден на молитвата за звања (4-та Воскресна недела), за изданието на весникот „L`Osservatore Romano“ на 17 април 2024 година, Андреа Монда, директорката на тој весник, разговараше со кардиналот Лазаро Ју Хеунг-сик, префект на Дикастеријата за клер. Подолу е целосниот превод на разговорот.

Што е звање?

Пред да размислувам за било каков верски или духовен аспект, би го кажал ова: звањето во суштина е повик да бидеме среќни, да ја преземеме контролата врз нашиот живот, да го оствариме целосно и да не го потрошиме. Ова е првата желба што Бог ја има за секој маж и жена, за секој поединец: нашиот живот да не згасне, да не се изгуби, да може да блесне најдобро што може. И затоа ни стана близок во својот Син Исус и сака да нѐ привлече во прегратките на неговата љубов; така, благодарение на крштевањето, стануваме активен дел од таа љубовна приказна и, кога ќе почувствуваме дека сме сакани и придружувани со близина, тогаш нашето постоење станува пат кон среќата, кон вечниот живот. Тоа е патот кој потоа се воплотува и реализира во животен избор, во одредено послание и во бројните секојдневни ситуации.

Но, како да се препознае повикот и каков е неговиот однос со желбите?

Богатата традиција на Црквата и мудроста на христијанската духовност имаат што да нѐ научат на оваа тема. За да се биде среќен – а среќата е првиот повик кој е заеднички за сите луѓе – неопходно е да не се прават грешки во животните избори, барем не во основните. А првите патокази што треба да ги следиме се токму нашите желби, она што го чувствуваме во срцето може да биде добро за нас, а преку нас и за светот околу нас. Меѓутоа, секој ден доживуваме како се залажуваме самите себе, бидејќи нашите желби не секогаш одговараат на вистината за тоа кои сме; може да се случи желбите да се резултат на делумна визија, да произлезат од рани или фрустрации, да се диктирани од себично тежнеење кон сопствената благосостојба или, повторно, понекогаш од желби кои всушност се илузии. Затоа е потребно расудување, кое во крајна линија е духовната уметност на разбирањето, со Божјата благодат, она што треба да го избереме во нашите животи. Расудувањето е можно само под услов да се слушаме себеси и Божјото присуство во нас, совладувајќи го така актуелното искушение да ги усогласиме нашите чувства со апсолутната вистина. Затоа, папата Фрањо, на почетокот на катехезата во среда посветена на расудувањето, нѐ повика да се соочиме со напорот на потопување во себе и да не го заборавиме Божјото присуство во нашите животи. Овде повикот се препознава кога ги ставаме нашите длабоки желби во дијалог со делото што го прави во нас Божјата благодат; благодарение на оваа споредба, ноќта на сомнежите и прашањата постепено се разјаснуваат и Господ ни дава да разбереме по кој пат да тргнеме.

Тој дијалог меѓу човековата и духовната димензија се повеќе е во центарот на формирањето на свештеникот. На која точка сме ние?

Овој дијалог е неопходен и можеби понекогаш го занемарувавме. Не смееме да ризикуваме да мислиме дека духовната димензија може да се развие независно од човечката, со тоа припишувајќи ѝ некаква магична моќ на Божјата благодат. Бог се воплоти и затоа повикот на кој нè повикува секогаш е воплотен во нашата човечка природа. Светот, општеството и Црквата имаат потреба од човечки свештеници, чии духовни особини се сумирани во истиот стил како оној на Исус: не духовност која нè одделува од другите или нè прави ладни господари на апстрактната вистина, туку способност да ја воплотиме Божјата близина со човештвото, Неговата љубов кон секое суштество, Неговото сочувствување кон секој што е обележан со раните на животот. Затоа ни се потребни луѓе кои и покрај тоа што се кревки како и сите други, во својата кревкост имаат доволно психолошка зрелост, внатрешна бодрост и емоционална рамнотежа.

Сепак, има многу свештеници кои доживуваат ситуации на потешкотии и страдање. Што мислите?

Како прво, многу сум трогнат од тоа. Речиси целиот мој живот го посветив на грижата за свештеничката формација, придружувањето и близина со свештеникот. Денес, како префект на Дикастеријата за клер, се чувствувам уште поблизок со свештениците, нивните надежи и настојувања. Не недостасуваат елементи за загриженост бидејќи во многу делови од светот владее вистинска непријатност во животот на свештениците. Кризата има многу аспекти, но мислам дека пред сѐ е потребно црковно размислување во две области. Прво: треба да го преиспитаме нашиот начин на постоење на Црквата и живеењето на христијанското послание, во ефективна соработка на сите крстени, бидејќи свештениците честопати се преоптоварени со работа, со исти задачи – не само пасторални, туку и правни и административни – споредено со претходните години кога ги имаше бројно повеќе. Второ: неопходно е да се преиспита профилот на дијацезантскиот свештеник бидејќи, и покрај тоа што не е повикан на монашки живот, тој мора повторно да ја открие светотаинската вредност на братството, чувството за дом во презвитерството, во заедништво со епископот, браќата свештеници и верниците, затоа што, особено во денешните тешкотии, оваа припадност може да го поддржи во неговата пасторална служба и да го придружува кога осаменоста ќе стане товар. Сепак, потребен е нов менталитет и нови патишта на наобразба бидејќи свештеникот често се воспитува да биде самотник, „човек кој само заповеда“, а тоа не е добро. Ние сме мали и полни со ограничувања, но сме ученици на Учителот. Охрабрени од тоа, можеме многу да направиме. Не поединечно, туку заедно, синодално. „Ученици мисионери – повторува Светиот Отец – можеме да бидеме само заедно“.

Дали свештениците се „опремени“ да можат да се носат со денешната култура?

Ова е еден од главните предизвици со кои се соочуваме денес, како во почетната така и во понатамошната формација. Не можеме да останеме затворени во светите форми за да го направиме свештеникот едноставен водач на верските обреди; денес поминуваме низ време обележано со бројни глобални кризи, со одредени ризици поврзани со зголемување на насилството, војните, загадувањето на животната средина, економската криза, но и сето она што потоа има влијание врз животот на луѓето во смисла на несигурност, вознемиреност, страв за иднината. А голема е потребата од свештеници и мирјани кои се способни да ја донесат евангелската радост на сите, како пророштво на новиот свет и компас за ориентација на патот на животот. Ние сме секогаш ученици, дури и кога сме долги години ѓакони, презвитери или епископи. А ученикот секогаш мора да учи од единствениот Учител – Исус.

Според вас, се исплаќа ли денес да се стане свештеник?

И покрај сè, секогаш вреди да се следи Господ на тој пат, да дозволиш да бидеш заведен од Него, да се потроши животот за Неговиот проект. Можеме да ја видиме Марија, таа млада девојка од Назарет, која и покрај тоа што е вознемирена од веста на ангелот, решава да влезе во ризикот од фасцинантната авантура на повикот, со што ќе стане Богородица и Мајка на човештвото. Со Господ никогаш ништо не губиш! И би сакал да им кажам нешто на сите свештеници, особено на оние кои се обесхрабрени или повредени во ова време: Господ никогаш не дозволува Неговото ветување да пропадне. Ако те повикал, нема да ти недостига нежноста на Неговата љубов, светлината на Духот, радоста на срцето. На многу начини Тој ќе се манифестира во твојот свештенички живот. Затоа, би сакал оваа надеж да допре до презвителите, ѓаконите и семинаристите од сите делови на светот, да ги утеши и охрабри. Не сме сами, Господ е секогаш со нас! И тој сака да бидеме среќни!

Ватикан њуз/к.мк

 

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот