Генерална аудиенција: Простувањето не одзема ништо, туку на човекот му дава достоинство и го ослободува

Генерална аудиенција: Простувањето не одзема ништо, туку на човекот му дава достоинство и го ослободува

Сведоштвото на Жозефина Бахита е пример за апостолската ревност за која зборуваше папата Фрањо во катехезата на Генералната аудиенција во среда 11 октомври 2023 година; за ревноста заснована на волјата да се простува дури и на оние што ја повредиле. Робинка од 7-годишна возраст, оваа суданска светица ја најде ослободителната сила на својот живот во милосрдието и разбирањето: таа ни ја нуди светлината на надежта во овие тешки времиња на недоверба и сомнеж кон другите

За жал, Судан е растргнат со месеци од страшен вооружен конфликт за кој денес малку се зборува; да молиме за суданскиот народ за да може да живее во мир! – повика папата Фрањо на почетокот на катехезата на Генералната аудиенција одржана на плоштадот Свети Петар, зборувајќи за сведоштвото на суданската светица Жозефина Бахита, родена во Дарфур. Со ова Светиот Отец продолжи со серијата размислувања за апостолската ревност.

Божјата сила се покажува во слабоста на угнетените

Жозефина во животот претрпе насилство и понижување, физичко и морално страдање; киднапирана и сведена на робинка кога имала само 7 години, сменила осум господари – забележа Папата и ги цитираше нејзините зборови: „Како робинка никогаш не очајував, бидејќи чувствував таинствена сила која ме поддржуваше“. Затоа, се прашувам која е тајната на Света Бахита? – рече Светиот Отец и истакна:

Знаеме дека ранетата личност често се ранува потоа и самата; угнетениот лесно станува угнетувач. Напротив, повикот на угнетените е да се ослободат себеси и своите угнетувачи со тоа што ќе станат обновувачи на човештвото. Само во слабоста на угнетените може да се открие силата на Божјата љубов која ги ослободува и едните и другите. Света Бахита многу добро ја изразува оваа вистина.

Треба да сакаме, треба да сочувствуваме

Еден ден Жозефина добила распетие на подарок и гледајќи го доживеала длабоко внатрешно ослободување – истакна папата Фрањо. Таа се почувствувала сакана и затоа била способна да се сака себеси. Таа сведочеше за тоа велејќи: „Божјата љубов отсекогаш ме следела на таинствен начин (…) Мора да ги сакаме сите… Мора да сочувствуваме!“ – рече Римскиот бискуп и објасни:

Навистина, да се сочувствува значи да се страда со жртвите на толкава нечовечност присутна во светот, но и да се сожалуваат оние кои прават грешки и неправди, не осудувајќи, туку хуманизирајќи. Тоа е гест на нежност на кој таа нè учи: да хуманизираме. Кога ќе влеземе во логиката на борби, меѓусебни поделби, зли чувства еден кон друг, тогаш ја губиме нашата човечност. Често мислиме дека ни треба човечност, дека треба да бидеме почовечки. Похумани. Така нѐ учи Бахита: хуманизирај се, хуманизирај се себеси и другите.

Служењето е дар за себе

Кога станала христијанка, Света Бахита дозволила да ја преобразат Исусовите зборови, простувајќи им на оние што го ставиле на крстот. Нејзиниот живот стана егзистенцијална парабола за простувањето; во чинот на простување пронајдела слобода и радост. Волјата за простување и љубов ја придружувале во текот на животот – истакна Папата и истакна:

Така, Бахита можеше да го доживее служењето не како ропство, туку како израз на слободно самодарување. Тоа е многу важно: стана слугинка – беше продадена како робинка – а потоа слободно одлучила да стане слугинка, да го носи на своите раменици товарот на другите.

Света Бахита ни го покажува патот до слободата

Света Жозефина Бахита со својот пример ни го покажува патот како конечно да се ослободиме од сопственото ропство и стравови.

Ни помага да ги разоткриеме сопственото лицемерие и себичност, да го надминеме гневот и конфликтите. Секогаш нè охрабрува!

На крајот, Папата повторно ја истакна вредноста на простувањето, кое – како што рече – не одзема ништо, туку на човекот му дава достоинство, нè поттикнува да го тргнеме погледот од себе и да гледаме кон другите кои се кревки како нас, но секогаш браќа и сестри во Господа. Ревноста на света Бахита стана милосрдие и поттикнува на скромна и радосна светост – истакна папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот