Светиот Престол во ОН: Заштита на религиозните малцинства на Блискиот Исток и дејствување против меѓународниот тероризам

Заштита на религиозните малцинства на Блискиот Исток и дејствување против меѓународниот тероризам: овој апел го упати постојаниот набљудувач на Светиот Престол во ОН монс. Бернардито Ауза, во говорот на сесијата посветена на правната држава во рамките на Генералното собрание во Њујорк.

„Владеењето на правото значи врховен респект кон човековите права, еднакви права на народите и почитување на меѓународното право, договорите и други извори на меѓународното право”, истакна монс. Ауза. Поради ова, Светиот Престол инсистира на „поголемо внимание кон човековата личност и општеството во кое тој живее, бидејќи освен безбедносните сили, судовите, правосудствата, министерствата и другите правни структури, правната држава ќе биде недостижна без социјалната доверба, солидарност, одговорна влада и морално воспитување”.

Затоа, „улогата на семејството, верските заедници и граѓанското општество е огромна во изградбата на правната држава и јавниот интегритет, која мора да биде загарантирана за сите и без исклучок”, посочи ватиканскиот претставник, алудирајќи конкретно на „религиозните и етнички малцинства во Блискиот Исток, кои очекуваат итни мерки и активна заштита”.

„Кога земјите не се во можност да ја исполнат обврската да го штитат сопственото население од тешки и долготрајни напади и хуманитарните кризи кои следуваат со нив – посочи Монс Ауза – Светиот Престол повика за интервенција на меѓународната заедница, и тоа со правни средства предвидени во Повелбата на ОН и други меѓународни средства”.

На крајот, ватиканскиот претставник изрази надеж дека „алармантниот и растечкиот феномен на меѓународниот тероризам, со нови форми и суров варваризам, може да бидат повод за итно и темелно истражување за да се зајакнат меѓународните правни инструменти за мултилатерално спроведување на заедничката одговорност со цел да се заштитат народите од сите форми на неправда и агресија.“

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот