Свети Атанасиј Велики

Свети Атанасиј Велики

Атанасиј без сомнение бил еден од најзначајните и најценетите Отци на Црквата. Но во прв ред овој голем светец бил ревносен теолог на темата за Овоплотувањето на Словото Божјо.

Свети Атанасиј е роден во Египет, веројатно во тогашниот главен град Александрија, околу 295 година, додека траеле христијанските прогонства. Восхитен од христијанските аскетски идеали, Атанасиј уште како млад отишол во пустината каде што бил ученик на свети Антониј Пустиник.

Теолошкиот талент на Атанасиј ќе се развие во времето на аријанската криза. Ариј бил свештеник кој го негирал Христовото божество. Свети Атанасиј знаел дека ако Христос не е Бог тогаш христијанството, колку и да било убаво, би било само од човечко, а не од божествено потекло. Атанасиј го следел својот епископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја каде што било осудено аријанството и била прогласена правоверната наука за едносуштноста на Синот со Отецот.

Осудата на Ариј на Соборот не значела крај и за аријанството, бидејќи главната борба ќе се води подоцна. Во таа борба свети Атанасиј ќе ја вложи сета своја сила, конзистентност и непомирливост со заблудата и на тој начин ќе стане еден од насјветлите фигури во црковната историја.

Александрискиот епископ Александар починал на 17 април 328 година и во службата го наследил свети Атанасиј. Народот го прифатил со воодушевување, величајќи го како „веродостоен христијанин, аскет и вистински епископ“. Како епископ морал многу да страда. Бил наклеветуван, прогонуван; четири пати протеран од својата епархија. Но, преку своите списи и беседи ја бранел правоверната наука подготвен за неа да го жртвува и сопствениот живот. Починал ноќта помеѓу 2. и 3. мај 373 година со природна смрт.

Лаудато.хр/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот