Свети Атанасиј Велики

Свети Атанасиј Велики

Свети Атанасиј е автентичен протагонист од христијанската традиција, кој после неколку години од неговата смрт големиот царигратски теолог и епископ Григориј Назијански веќе го воздигнувал како „столб на Црквата“, и секогаш го сметал за модел на правоверноста, како на Истокот така и на Западот. (…)

Свети Атанасиј несомнено бил еден од најзначајните и најпочитуваните отци на раната Црква. Но во прв ред овој голем светец бил врвен теолог во врска со овоплотувањето на „Логос“, Божјото Слово, кое – како што се вели на почетокот од четвртото Евангелие – „и Словото стана тело и се всели меѓу нас“ (Ив 1,14). Токму заради ова Атанасиј бил и најважниот и најтврд противник на ариевото кривоверство, кое тогаш било закана за верата во Христос, намалувајќи го неговото божество, во склад со тенденциите на присутните во историјата, а на разлчни начини и денес ги гледаме на дело. Роден е веројатно во Александрија околу 300 година. Атанасиј добил добро образование пред да стане ѓакон и бил секретар на Александар, епископот од египетската метропола. Како близок соработник на својот епископ, младиот свештеник заедно со него учествувал на Никејскиот Собор, првиот кој имал екуменски, универзален карактер, а го свикал царот Константин во мај 325 година, со цел да го обезбеди единството на Црквата. Никејските отци можеа така да побараат одговори на различните прашања, а пред сѐ на сериозниот проблем кој неколку години порано бил поттикнат од проповедите на александрискиот презвитер Ариј.

На проповедувањето на Ариј, кое се заканувало на вистинската вера во Христос, епископите собрани во Никеја одговорија составувајќи го и воспоставувајќи го „Символот на верата“ кој, затоа што подоцна бил дополнет на Царигратскиот Собор, во традицијата на различните христијански исповедувања станал дел од литургијата како Никејско-цариградско верување. Во овој важен текст – кој ја изразува верата на неподелената Црква, и кој денес се повторува во нашите Богослужби – се појавува грчкиот назив „хомоузиос, на латински „консубстанцијалис“ (мак. „единосуштен“): кој означува дека Синот е „иста суштина“ со Отецот ина тој начин се истакнува неговото полно божество што го негирале аријанците.

По смртта на епископот Александар, Атанасиј во 328 година станал негов наследник како епископ на Александрија, и веднаш ја покажал својата определба во отфрлањето на секој компромис во однос на аријанската теорија која Никејскиот Собор ја осудила. (…)

Аријанската криза, за која се мислело дека е решена во Никеја, продолжила низ неколку децении, доведувајќи ја Црквата низ тешки настани и болни поделби. За триесет години, помеѓу 336 и 366 година, Атанасиј пет пати бил принуден да го напушти својот град, страдал за верата. поминувајќи седумнаесет години во прогонство. Но за неговото принудно отсуство од Александрија, овој епископ нашол начин на Западот, најпрво во Тревир, а потоа и во Рим, да ја поддржи и да ја прошири никејската вера, а истовремено и идеалите на монаштвото, кои во Египет ги поседувал големиот испосник Антониј, кому за животниот избор, Атанасиј секогаш му бил близок. Кога конечно тој се вратил во својот град, епископот Атанасиј можел да се посвети за смирување на верските прилики и за реорганизирање на христијанските заедници. Починал на 2 мај 373 година, а денес овој ден го славиме неговиот литургиски спомен. (…)

(Од катехезата на папата Бенедикт XVIна генералната аудиенција, 20 јуни 2007)

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот