РАЗМИСЛУВАЊА НАД ХРИСТОВИТЕ СТРАДАЊА: XIII постојка: Исус го симнуваат од крстот

Марко 15,40-41

Го одвојуват телото на Исус од крстот. Од рацете и нозете му ги вадат клинците, а од главата трновиот венец. Така раскрвавеното, измаченото тело го положуваат во рацете на неговата мајка. Таа целосно измачена клекнува и те прима Исусе во своите раце. Болката е голема, но таа е послушна сè до крај, понизна, смирена, како и ти Исусе. Се помири со својата судбина и во себе ги впиваше сите твои рани. Ги гледа сите кои ќе бидат откупени преку тие свети рани.

Таа никогаш не те имаше. Кажувајќи го своето прво Да, се откажа од сè. И додека те бараше, а ти во храмот поучуваше, знаеше дека си Син Божји, а таа, твоја мајка и служителка. И кога мртов те положија во нејзините прегратки, ни тогаш Исусе не те имаше. За многу кратко, само да ги изброи твоите рани, за многу кратко за да се прости од тебе и да ја прими својата осаменост.

Никој од нас нема свои деца. Ни се дадени да ги водиме во животот, но ние не можеме да летаме наместо нив, ниту да паѓаме за нив. Како што Марија одеше по тебе кога ти требаше и се тргнуваше поради твоето послание, така и ние мајките треба да се повлечеме кога ќе дојде време. Љубовта никогаш не е поседување. Никогаш себичност, никогаш за свој личен интерес.

Ниту другите луѓе не ги поседуваме. Почесто ни се случува да сакаме да бидат со нас за да ги контролираме. Понекогаш и мислите сакаме да им ги знаеме, дури сме разочарани ако не размислуваат како нас. Не оставаме простор на тој што го сакаме. Мајка Божја совршено љубеше. Беше тука кога беше потребна и на начин на кој беше потребна.

Не можеме никој да го заштитиме од крстовите, можеме само да го сакаме како Марија.

Кога ќе умрам, Мајко, прими ме во твоите прегратки!

Тринаесетта постојка: Исус ни вели: Кога  умрев дојдоа моите пријатели. Ти си семе за некое идно време. Веднаш сакаш да ги видиш плодовите од своите раце. Моите ученици често умираат во без надеж и срамота, а други ги собираат нивните плодови. Други собираат радост и живот. Тебе те поставив да сееш. Тоа е твојот крст. Ти давам вера, бидејќи во животот едвај ќе ја видиш утехата. Дури после смртта ќе те слават, дури тогаш ќе те симнаат од крстот. Вечноста ќе ја живееш без крст бидејќи имаше храброст да бидеш на него преку животот.

Подготви: о. Д.Т.

Користено и од текстовите на Томислав Иванчиќ, Тргни со мене

Категорија: духовнитекстови

За авторот

Write a Comment

<