Историски развој на Светата Бројаница

Со оглед дека Светата Бројаница е многу сакана и практикувана молитва би било добро доколку можете да дадете подетален преглед за нејзиниот развој. (Р.И.)

 Светата Бројаница претставува молитва која истовремено е плод на усните и душата, молитви кои се изговараат и настани за кои се размислува. Станува збор за молитва која секој христијанин треба да знае да ја моли, а се состои од т.н. секојдневни молитви: „Радувај се Маријо, Оче наш… и се размислува за главните настани од животот на нашиот Господ Исус Христос и Неговата Пресвета Мајка Богородица.

Уште од античко време бројаница е користена како средство за молитва. Во христијанството на Исток Бројаница се користи од различни испосници, за да можат некако да водат сметка за искажаните молитви. Како пример историчарот Паладиус опишува еден пустиник по име Павле, кој во раката држел 300 мали каменчиња и по секоја молитва фрлал по едно каменче.

Исто така и на Запад монасите користат различни продупчени зрна навезени на конец. Веќе блажениот Беда (672 – 735) користел нешто слично како денешната Бројаница.

Удалрик од Клуни (1086) спомнува дека Бројаница се користела за повторување на молитви. Воените редови, поради неможноста да присуствуваат на служби, требало да повторуваат одредени молитви по 57 пати или 100 пати “Оче наш”. Обликот на сегашната Бројаница е користен и од Света Бригита (VІ век), која ја користела бројаницата при молењето на најчесто користените молитви: „Оче наш” и „Радувај се”. Оваа пракса постепено во XI век станува Богородична молитва. Во исто време монасите во манастирите кои не разбирале латински, ја користеле за да молат 150 пати „Радувај се”, наместо 150-те Псалми. Поради тоа Бројаницата е наречена и „Псалтир на Дева Марија”.

На почетокот на XII век на Запад се проширува праксата да се моли „Радувај се Маријо…“ и бил познат и молен само првиот дел, односно поздравот на Ангелот. Кон крајот на XV век кога се раширило молењето „Света Богородице“, на првиот дел е додадено Исус, а на крајот е додадено Амин.

Германскиот картузијанец, Хенрик Калкар (1328-1408) молитвата Радувај се Маријо ја поделил на 15 десетки, меѓу кои ја вметнал молитвата Оче наш. Некако истовремено настанува и легендата за почетоците на Бројаницата од страна на свети Доминик, основач на монашката заедница Доминиканци, а оваа побожност лично ја проширил неговиот собрат Алан де ла Рок.

Првиот документ кој потврдува за постоењето на Бројаницата и обидот да се обедини молитвата повторувајќи ја Радувај се Маријо со размислувања за таинства земени од Светото Писмо, потекнува од XV век. Помеѓу 1410 и 1439 година картузијанецот од Келн Доминик Пруски, предлага нова форма според која молењето на Радувај се Маријо се сведува на 50 пати, но на секоја молитва Радувај се Маријо се додавало одреден дел од Евангелието. Тие делови од Светото Писмо се распоредени така, што за 14 се размислувало за животот на Исус пред почетокот на јавното делување, 6 за неговото јавно делување, 24 за неговата мака и смрт, а 6 за воскресението, славата и крунисувањето на Богородица. Ваквиот начин на размислувања за таинствата од спасението ќе доведе до поделба на три големи таинства: радосно, жално и славно. Посебно во XV век оваа молитва ќе доживее свој процвет.

Откако оваа побожност се проширила меѓу верниците и станала многу сакана молитва се почувствувала потребата да се поедностави. Во 1521 година доминиканецот Алберто да Кастело таинствата ги сведува на 15, така што тие се размислувале во облик на краток текст или едноставно би се повторувале кратки додатоци после првиот дел од Радувај се Маријо.

Во 1858 година во Лурд Богородица се јавува на Бернадета со Бројаница во раката. Папата Лав ХIII упатува многу пораки за Светата Бројаница посебно во периодот помеѓу 1883-1891. За време на неговиот понтификат, римската Конгрегацијата за обреди го посветува месец октомври на Пресвета Богородица од Светата Бројаница. Папата Пиј Х одредува празникот на Пресвета Богородица од Светата Бројаница да се слави на 7 октомври. Во 1917 година, во Фатима Пресвета Богородица се јавува, велејќи: „Јас сум Богородица од Бројаницата”.

Во месец октомври 2002 до октомври 2003  година папата Иван Павле II ја прогласи Годината на Светата Бројаница. По тој повод издаде и Апостолско писмо Rosarium Virginis Mariae, (Бројаницата на Дева Марија), кое го упати до епископите, свештениците и сите верници. Во тоа писмо ни препорачува да ја молиме светата Бројаница и нѐ повикува на потполно сфаќање за значењето на оваа молитва. Во истото Апостолско писмо папата Иван Павле II на дотогашните три таинства на светата Бројаница го даде и четвртото, светло таинство (сп. Апостолско писмо Rosarium Virginis Mariae, 19).

го*ко

За авторот